Судот во Кенија ги одби растафаријанците: Нема дозвола за канабис во верски цели

Високиот суд во Кенија пресуди дека законската забрана за канабис не го нарушува правото на верска слобода, отфрлајќи го барањето на растафаријанците за користење на растението во верски обреди.

Високиот суд во Кенија го одби барањето на растафаријанската заедница да добие законско право да користи канабис во верски обреди, оценувајќи дека постојната забрана не го нарушува правото на слобода на вероисповед.

Судијата Бахати Мвамује пресуди дека законите со кои се забрануваат одгледувањето, поседувањето и употребата на марихуана важат за сите граѓани и дека не постои уставна или законска основа растафаријанците да бидат изземени од нивната примена.

Судот повика на поширока јавна дебата

Иако го отфрли барањето, судијата оцени дека Кенија треба да отвори поширока национална расправа за политиките поврзани со дрогите.

„Ова не е прашање што се однесува само на растафаријанската заедница, туку на целото општество“, изјави Мвамује.

Според важечкиот Закон за наркотични дроги и психотропни супстанции, во Кенија се забранети одгледувањето, поседувањето и користењето марихуана. За пушење марихуана може да се изрече парична казна до 2.000 американски долари, затвор до десет години или двете казни истовремено. За трговија со дрога се предвидени уште построги санкции.

Најавија жалба

Адвокатот на растафаријанската заедница, Шадрак Вамбуи, најави дека ќе ја обжали пресудата пред Апелацискиот суд.

Шеесетгодишната Вањиру Гакиу, која повеќе од три децении е припадничка на растафаријанското движење, изјави дека е разочарана од одлуката и оцени дека законите за дроги во Кенија се неправедни.

По изрекувањето на пресудата, група растафаријанци се собраа на плоштадот „Фридом Корнер“ во Најроби, каде протестираа со музика, тапани и пушење марихуана.

Кои се растафаријанците?

Растафаријанството е религиозно и општествено движење кое настанало во 1930-тите години на Јамајка, меѓу потомците на африканските робови.

Неговите следбеници го сметаат етиопскиот цар Хајле Селасие за значајна духовна фигура, а Африка, особено Етиопија, има централно место во нивните верувања.

Растафаријанците се препознатливи по дредовите, реге музиката и начинот на исхрана што најчесто исклучува месо и индустриски преработена храна.

За дел од припадниците на ова движење, канабисот – кој го нарекуваат „ганџа“ – има духовно значење и се користи за време на молитви, медитација и верски собири. Тие не го сметаат за средство за рекреативна употреба, туку за света билка која, според нивните верувања, помага во духовното поврзување со Бог.

е-Трн да боцка во твојот инбокс