Британското списание Which? ја избра Кефалонија за најдобар грчки остров благодарение на мирната атмосфера, природните убавини и прекрасните плажи.
Кефалонија, најголемиот остров во Јонското Море, е прогласена за најдобар грчки остров за летување во 2026 година според изборот на британското списание Which?. Островот се издвојува по недопрената природа, тивката атмосфера и разновидната туристичка понуда, што го прави одлична алтернатива на популарните, но многу посетени Санторини и Миконос.
Во истражувањето учествувале повеќе од илјада туристи кои ги оценувале десетте најголеми грчки острови според квалитетот на плажите, природата, знаменитостите и односот помеѓу цената и понудата. Кефалонија добила највисока оценка за мир и тишина, а вкупната оценка изнесувала 85 проценти.
Островот е препознатлив по зелените планини, тиркизното море и живописните крајбрежни населби. Главниот град Аргостоли нуди бројни ресторани, кафулиња и плажи, додека Фискардо и Асос се меѓу најфотографираните места благодарение на традиционалната архитектура и прекрасните панорами.
Една од најголемите природни атракции е пештерското езеро Мелисани, каде сончевите зраци создаваат впечатлива светлосина боја на водата. Љубителите на активниот туризам можат да го посетат Националниот парк Аинос, единствениот национален парк на грчки остров, познат по густите шуми и планинарските патеки.
Кефалонија е позната и по богатата гастрономија. Локалната кујна нуди квалитетни сирења, маслиново масло, мед и традиционални специјалитети, меѓу кои најпознати се месната пита од Кефалонија и пилешкото „церепа“, подготвено според стар локален рецепт.