Групата „Деспина“ синоќа го промовираше видеоспотот за битолската серенада „Кажи, кажи, Широк сокак“, песна создадена по вистинска љубовна приказна која, како што откриваат авторите, завршила со среќен крај и брак.
Песната првпат беше изведена на фестивалот „Ех таа серенада“ во Битола во 2024 година, а две години подоцна доби и своја видео приказна.
Текстот го напиша Никола В. Ристевски, музиката и аранжманот се дело на Михаил Мими Марковски, додека видеоспотот е реализиран во продукција на „Дрим Каст продукција“ и „2С студио“.
Снимањето се одвивало на препознатливи локации на Широк Сокак и во студио, а главните улоги во видеото ги толкуваат битолските актери Маја Андоновска Илијевски и Кире Ѓоревски.
Промоцијата се одржа во Чифлик, каде пред присутните се обратија членовите на групата „Деспина“, како и еден од основачите, Димитар Спасевски. Тој потсети дека групата е формирана во 1991 година и дека со промоцијата на видеоспотот симболично се одбележуваат 35 години од нејзиното активно творење.
Авторите веруваат дека со оваа композиција и видеоспот, Битола добива уште една песна што ќе остане препознатлив дел од музичкото наследство на градот.