Општина Карпош денеска во 14 часот ќе го отвори Младинскиот центар Карпош, кој ќе функционира во Сала „Партизан“ и ќе биде наменет за програми и активности за младите.Центарот треба да биде простор за едукација, младинска работа, креативни активности и иницијативи насочени кон личниот, социјалниот и професионалниот развој на младите. Предвидени се и активности за информирање и нивно поактивно вклучување во локалната заедница.
На отворањето ќе се обратат градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, извршниот директор на Коалицијата на младински организации СЕГА, Зоран Илиески, и раководителката на Младинскиот центар Карпош, Христина Јовчевска. Со центарот во следните три години ќе раководи Коалицијата на младински организации СЕГА, која е избрана за младинска чадор-организација за негово управување, со поддршка на Општина Карпош.
По официјалното отворање, во вечерните часови е предвидена музичка програма со настапи на локални бендови.