Во Амфитеатарот во Дојран вечерва ќе биде спуштена завесата на петтото издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Завршната вечер ќе започне со свечено затворање, по што ќе биде прикажан краткометражниот македонски филм „Аналогни души“ на режисерката Марија Грчева, а фестивалот ќе заврши со проекција на српскиот филм „Кармадона“ во режија на Александар Радивојевиќ.
Говорејќи за својот филм, Радивојевиќ истакна дека „Кармадона“ ја отвора темата за човечката љубомора и уживањето во туѓата несреќа.
„Мислам дека сите уживаме во туѓата несреќа. Тоа е стара човечка особина, секогаш гледаме дали некому му е полошо отколку нам. Кај нас тоа е еден вид национален спорт – да му умре кравата на комшијата. Тоа е пред сè затоа што многумина се незадоволни од сопствените позиции и љубоморни на луѓето околу себе. „Кармадона“ токму тоа го отвора и го става на виделина“, рече режисерот.
На претпоследната фестивалска вечер беше прикажан бугарскиот филм „Месо“, по што продуцентот Николај Мутафчиев се заблагодари на публиката и на организаторите за поканата.
Тој истакна дека филмот носи силна порака за емпатијата и ја спојува бугарската и јапонската култура преку личната приказна на режисерот, инспирирана од неговата мајка, актерката Ана Бакалова, која починала од канцер. Според Мутафчиев, филмот веќе ја освоил наградата од публиката на Филмскиот фестивал во Софија.
Финалната програма на фестивалот започнува во 20 часот со свеченото затворање, по што следуваат проекциите на „Аналогни души“ и „Кармадона“.