Патот Куманово – Свети Николе е блокиран кај селото Скачковце откако товарен камион се излизгал и излетал од коловозот. Сообраќајот е во целосен прекин, а возачите треба да ја избегнуваат оваа делница додека не биде отстрането возилото.
Според информациите од местото на настанот, камионот завршил на патот и го попречува движењето на другите возила. Инцидентот се случил во услови на снежни врнежи, а лизгавиот коловоз може да придонел за излизгувањето. Засега нема официјални информации за причините за несреќата, ниту за евентуално повредени лица.
Проблеми во сообраќајот има и на други патни правци низ земјата поради снегот. Според утринските информации на АМСМ, на повеќе делници се воведени забрани за движење на тешки товарни возила, меѓу кои на патот Маврово – Дебар, преку Стража, на правецот Крива Паланка – граничен премин Деве Баир и на патот Битола – Ресен преку Ѓавато.
Возачите треба да ја приспособат брзината на условите на патот, да држат безбедно растојание и да ги следат најновите известувања за состојбата на патиштата.
