Кога правиш филм, треба да знаеш дека мораш да молиш за пари, за екипа. А со филмот сакаш да бидеш забележан, рече двократниот оскаровец Јануш Камински на својот мастерклас во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, споделувајќи дел од своето професионално и животно искуство, од првите чекори во инематографијата до создавањето на филмови што ја одбележаа современата филмска историја.
Полско-американскиот кинематографер, кој двапати ја освои наградата „Оскар“ за најдобра кинематографија за „Шиндлеровата листа“ (1993) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1998), пред публиката во Кино „Манаки“ зборуваше отворено за патот што го поминал за да стигне до врвот на филмската индустрија.
Камински се потсети на своите почетоци и периодот кога студирал на уметничко училиште, но неговата желба била да создава наративни филмови. Во раните години снимал кратки филмови и, како што рече, работел исклучително напорно.
Во периодот кога ги правел првите чекори, конкуренцијата била голема.
„Во тоа време имаше 20 директори на фотографија, 20 сценаристи“, се присети Камински, зборувајќи за тешкотиите со кои се соочуваат младите филмски автори кога се обидуваат да создадат свој филм и да го најдат своето место во индустријата.
Според него, љубовта кон филмот сама по себе не е доволна, т.е. за да се направи филм потребни се пари, екипа и можност да се добие шанса. Но, токму желбата да се создава е она што го водело низ кариерата.
„Сакам да го правам ова што го правам сè додека можам да си ја плаќам киријата. Го сакам ова што го правам, направив професионална кариера“, рече Камински.
Зад успехот, сепак, стојат и лични жртви. Камински зборуваше и за тешкиот избор со кој, во одреден момент од животот, може да се соочи секој филмски професионалец.
„Но некогаш мораш да избереш меѓу уметноста и семејството“, рече тој.
Јануш Камински е полско-американски кинематографер и двократен добитник на „Оскар“ за најдобра кинематографија. Неговото име е неразделно поврзано со филмскиот јазик на режисерот Стивен Спилберг, со кого соработува повеќе од три децении. Камински го освои својот прв „Оскар“ за „Шиндлеровата листа“ (1993), а вториот за „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1998). Неговата филмографија опфаќа бројни значајни остварувања, меѓу кои „Амистад“, „Вештачка интелигенција“, „Минхен“, „Линколн“, „Шпионски мост“, „Вест Сајд Стори“ и „Фабелманови“. Препознатлив по експресивната употреба на светлото, сенките и контрастот, Камински гради визуелен стил што не служи само за создавање естетика, туку и за продлабочување на атмосферата и емоцијата на филмската приказна. Неговата работа претставува значаен пример за тоа како кинематографијата може да стане составен дел од начинот на кој публиката го доживува филмот.