Професионализмот и големиот креативен потенцијал на уметниците ги одразуваше не само нивните индивидуални квалитети, туку и префинетоста во заедничкото музицирање што беше видливо уште при првата композиција од репертоарот, меланхоличната мелодија „Хризантеми“ од Џакомо Пучини.
Диригентката Бисера Чадловска, како и секогаш, и овојпат покажа голема уметничка зрелост, креативност и енергичност.
-За мене „Охридско лето“ е секогаш посебна свеченост. Овој фестивал го доживувам како свој, како да сум дома и секогаш ми е огромна чест кога доаѓам тука. Изведовме неколку композитори, Џакомо Пучини, Бенџамин Бритн, Џовани Батиста Перголези, но и македонски автори како Ристо Аврамовски, Драган Шуплевски и Дамир Имери. Програмата беше специјално креирана за фестивалот „Охридско лето“, рече маестра Чадловска, која од 2022 до 2024 година беше и музички селектор на „Охридско лето“, а во 2021 година ја диригираше програмата на свеченото отворање на 61. издание на фестивалот.

Маестра Чадловска редовно диригира со Симфонискиот и Оперскиот оркестар во Националната опера и балет, но, како што кажа, првпат со Камерниот оркестар на најголемата национална установа од областа на културата во земјава.
Камерниот оркестар на Националната опера и балет е формиран во 2010 година и е составен од истакнати музичари и солисти на Оркестарот на НОБ. Во своето постоење настапувал на бројни сцени надвор од Македонија, а во својот репертоар секогаш отстапува голем простор за македонските композитори.