Иако кучињата и мачките немаат часовник ниту разбираат минути, тие имаат прецизен начин за мерење на времето кога остануваат сами во домот. Спротивно на општото верување, домашните миленици не сметаат часови, туку го следат постепеното исчезнување на мирисот што нивните сопственици го оставаат во просторот. Ветеринарите и психолозите за животни предупредуваат дека не разбирањето на нивната психологија често води до погрешни третмани при стрес и одвојување.
Секое живо суштество остава специфична мирисна трага во просторијата во која престојува. Оној момент кога сопственикот ќе ја напушти куќата, тој мирис почнува полека да испарува. Доктор по ветеринарна медицина и психолог за миленици, Иван Јанковиќ, објаснува дека животинскиот мозок го користи токму тој пад на интензитетот за да оцени колку време поминало.
Кога концентрацијата на познатата арома ќе падне под одредено ниво, кај животното се јавува потреба да пронајде парче облека или предмет со посилен мирис за да ја намали анксиозноста од разделбата.
Психологијата на животните во многу сегменти се потпира на десензитивизација и реакција на надворешни стимули. Исто како и луѓето, милениците реагираат со недоверба на сè што отстапува од нивната секојдневна рутина.
Луѓето што носат чадори, штаки или очила често предизвикуваат одбранбена реакција кај кучињата бидејќи тие реквизити за нив претставуваат непозната закана. Доколку животното не се навикнува постепено на отсуството на сопственикот уште од првите денови во домот, промената на средината може да ескалира во деструктивно однесување, самоповредување или вршење нужда врз мебелот.
Погрешната примена на лекови за смирување како бенседин за време на грмотевици или пиротехника е една од најчестите грешки што ги прават сопствениците.
Овие седативи кај животните го оштетуваат моторичкиот одговор, но не го исклучуваат нивното сетило за слух. Ова значи дека кучето или мачката остануваат заробени во сопственото тело, го слушаат застрашувачкиот звук, а не можат да побегнат или да се сокријат, со што траумата и внатрешниот страв стануваат уште поинтензивни.