Една од најчестите заблуди кај домаќинствата е дека бројките на вентилот од радијаторот ги означуваат степените Целзиусови. Во реалноста, овие ознаки го покажуваат нивото на отвореност на вентилот со кој се регулира протокот на топла вода и се постигнува посакуваната температура во просторијата. Непознавањето на овој едноставен механизам често доведува до непотребно прегревање на просториите и значително повисоки месечни сметки.
Секоја бројка на термостатот одговара на одреден температурен опсег, при што разликата меѓу два последователни броја обично изнесува четири степени. Бројот еден означува температура од околу 12 степени, што е сосема доволно за простории во кои ретко се престојува, како што се ходниците, оставите и подрумските простории. Бројот два обезбедува температура од околу 16 степени, што е идеална опција за спалните соби во текот на ноќта или за сите простории додека домаќините се отсутни.
Оптималната бројка три обезбедува температура од 20 степени, која се смета за стандардна за дневните соби, работните кабинети и детските простории. Доколку термостатот се постави на бројот четири, температурата достигнува околу 24 степени, што е соодветно ниво за загревање на бањите. Од друга страна, бројот пет означува висока температура од околу 28 степени, што е целосно непотребно за секојдневен престој во затворен простор и претставува чиста нерационална потрошувачка на енергија.
За да се извлече максимумот од грејната сезона, експертите препорачуваат радијаторите никогаш да не се исклучуваат целосно кога излегувате на кратко или во текот на ноќта. Целосното ладење на ѕидовите и воздухот бара многу повеќе енергија за повторно загревање отколку одржувањето на константна умерена температура на бројот два. Покрај тоа, одржувањето на оваа минимална топлина спречува појава на кондензација, влага и мувла на аглите од ѕидовите.
Според податоците од истражувањата за енергетска ефикасност, намалувањето на собната температура за само еден степен може да донесе заштеда на енергија од околу шест проценти. Со внимателно прилагодување на вентилите според конкретната намена на секоја просторија, домаќинствата можат да го одржат домот пријатно топол и истовремено значително да ги намали трошоците за греење.