Како да спречите труење со храна при екстремните летни жештини?

Агенцијата за храна и ветеринарство со итни препораки за купување, чување и подготовка на храната за време на топлотниот бран.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упати итно предупредување до граѓаните за зголемен ризик од труења со храна поради високите температури што ја зафатија земјата. Институцијата апелира на зголемена внимателност при купувањето, транспортот, подготовката и чувањето на храната. Високите температури го забрзуваат размножувањето на бактериите, па од АХВ истакнуваат дека зачувувањето на ладниот синџир и хигиената се клучни за спречување на цревни инфекции и труења.

АХВ препорачува лесно расипливите намирници, како што се месото, млекото, јајцата и замрзнатите производи, да се купуваат последни при пазарењето. По пазарењето, овие производи треба најбрзо што може да се транспортираат до дома и веднаш да се стават во ладилник. Изложеноста на сурово месо или млечни производи на високи надворешни температури, дури и на куртко време, драматично го зголемува ризикот од развој на штетни микроорганизми.

При подготовката на храната во домаќинството задолжително е темелно миење на рацете со сапун и топла вода пред и за време на обработката. По посебно внимание треба да се посвети на даските и кујнскиот прибор: никогаш не треба да се користат исти ножеви или подлоги за сечење сурово месо и за храна што се консумира свежа, како што се салатите и овошјето. Ова спречува вкрстена контаминација, која е еден од најчестите причинители за труење.

Храната мора да биде темелно зготвена на температура повисока од 70 степени Целзиусови, особено месото и јајцата. Доколку зготвената храна не се консумира веднаш, таа не смее да стои на собна температура подолго од два часа. Складирањето во ладилник треба да биде на температура под 5 степени, додека замрзнувачот треба да одржува температура под минус 18 степени. Одмрзнувањето на храната никогаш не треба да се прави на собна температура, туку во ладилник или во микробранова печка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс