Search

Како да ја подобриме самодовербата кај децата?

Се наметнува потребата од се поголема работа со деца и адолесценти на темата самодоверба. Самодовербата се развива од најмала возраст, негде кога детето почнува да стекнува самостојни навики а продолжува низ секој нареден стадиум во детството и младоста.

Во најмали години најмногу зависи од воспитниот и емотивен одговор на родителите и блиските и тука значајно би било да се истакне дека родителите треба да ја поттикнуваат самостојноста и независноста кај своите деца и да овозможат детето да ужива во секој постигнат успех, на некој начин тоа да се истакне. Критичкиот однос на родителите спрема детето ја нарушува самодовербата а  наместо тоа убаво е да се разговара како во нареден чекор може полесно да се стигне до некоја цел и да се заврши некоја активност.

Во школската возраст најголема улога во развивање на самодовербата имаат наставниците и соучениците. Во тој период кога се развиваат социјалните активности, децата се секое од нив различни во успехот со социјалните вештини. Посебно после периодот со Ковид кризата кога беа долго време децата од дома, враќањето во училишните клупи создаде предизвик кој што се уште се провлекува низ учениците на начин што се создаде потреба се уште повеќе да се работи на развивање на социјалните вештини кај децата. Самиот неуспех во социјалните интеракции кај многу ученици создава повлекување, неиницијативност, а со тоа и многу ја намалува нивната самодоверба. Истовремено се јавува и потреба да се подобри нивното самопочитување и чувство на компетентност.

Извор: Balkansmedia

За да разбереме како полесно да ја изградат својата самодоверба децата и младите треба да опишеме како се создава и што претставува. Тргнуваме од сите позитивни особини и квалитети кај личноста на едно дете, да ги најдеме и истакнеме, бидејќи она што прво ќе наведат овие деца е како им е тешко, како се неуспешни и не можат да се сетат на некои од нивните позитивни особини. Потоа корисно е да се дознае и да се зборува за тоа во која ситуација детето имало лесно чувство на успех кое придонело да се чувствува убаво и исполнето, почитувано и себе- задоволно. Со самото тоа што се сеќава на еден успех било тоа да е во училишна активност, со групата или општо се запознаваме со тоа што значи и како изгледа нашата самодоверба. Потоа зборуваме за ситуација во која личноста доживеала чувство на незадоволство или недостаток на самодоверба со цел да направиме споредба. На крај зборуваме за тоа како позитивните особини што сме ги истакнале може да ни помогнат следниот пат кога се чувствуваме несигурни во ситуација пред која се наоѓаме. Да знаеме како да ја подобриме нашата самодоверба е тоа да знаеме за нашите квалитети и секогаш да се присетиме на нив кога треба да превземеме иницијатива.

Во случај на намалена самодоверба неминовно е да се каже дека пропратно се намалува мотивацијата, се зголемува тремата и се поттикнува критикувањето на сам себе. Затоа кога работиме со самодоверба континуирано низ повеќе чекори работиме на мотивацијата со цел да создаде детето цел која сака да ја оствари. Го разработуваме тој дел размислувајќи за тоа кои активности може да ја направат целта полесно достижна, кој/како може да помогне и како да направиме план за почеток и тек на активноста. Во тој процес важно е и да ги разработиме и оние нешта кои можат да попречат на патот до постигнувањето на целта. Многу е важно да се признае сопствениот успех и да се дава награда или пофалба доколку родителите работите со своите деца. Во текот на целиот процес на работа се зборува за емоциите, односно кои биле емоциите на почетокот, во текот и после исполнувањето на резултатот. Секако дека на истиот начин може да се примени совладувањето на некоја активност или поттикнување на посложена социјална вештина.

Промената на намалена самодоверба најпрво би требало да ја дознаат родителите и наставниците, па со заедничка иницијатива може да се разговара во врска со тоа со детето. Поголемиот успех зависи секогаш од добра самодоверба што значи дека можеби успехот на детето во училиште делумно е под влијание на сето тоа што му се случува во врска со самодовербата.

Авторката е психолог од Центар за психофизичко здравје Гаспар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни