Нов извештај открива кои земји во Европа се лидери по квалитет на водите

Европската агенција за животна средина анализираше повеќе од 22.000 локации за капење во Европа. Кипар е на врвот со 100 проценти води со одличен квалитет, додека повеќето европски земји бележат високи стандарди за чистота и безбедност.

Повеќето води за капење во Европа ги исполнувале најстрогите стандарди за квалитет на Европската Унија во текот на 2025 година, покажува најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА). Според анализата, вкупниот квалитет на водите за капење низ континентот останал стабилен во споредба со претходната година, што укажува на континуирано високо ниво на заштита на животната средина и јавното здравје.

Извештајот се темели на следење на повеќе од 22.000 локации за капење во земјите членки на Европската Унија, како и во Албанија и Швајцарија. Анализата ја оценува безбедноста на водите преку следење на бактерии кои можат да предизвикаат сериозни заболувања кај луѓето.

Резултатите покажуваат дека крајбрежните води и понатаму имаат подобар квалитет во споредба со реките и езерата. Во 2025 година, дури 88 проценти од морските и крајбрежните капалишта во Европската Унија биле оценети со највисоката категорија „одличен квалитет“, додека кај внатрешните води, како што се езерата и реките, тој процент изнесувал 78 проценти. Само 1,5 проценти од сите анализирани води биле класифицирани како со лош квалитет.

Најдобри резултати повторно забележал Кипар, каде што сите анализирани води за капење добиле оцена „одличен квалитет“. Зад него следуваат Грција, Бугарија, Австрија, Луксембург, Данска, Германија, Италија, Малта, Литванија и Шпанија. Хрватска се најде на 12-тото место на европската листа, потврдувајќи ја својата репутација како една од земјите со најчисто море на континентот.Од вкупно 1.039 анализирани капалишта во Хрватска, 86,2 проценти имаат одличен квалитет на водата, 1,9 проценти се оценети како добри, 0,6 проценти како задоволителни, а само 0,4 проценти како лоши. Околу 10,9 проценти од локациите не биле класифицирани.

Европската агенција за животна средина и Европската комисија објавија и интерактивна мапа на која граѓаните можат да ги проверат најбезбедните места за капење низ Европа. Целта е туристите и локалното население полесно да добијат увид во состојбата на водите пред летната сезона.Според европските институции, добрите резултати се плод на повеќедецениски инвестиции во системите за пречистување на отпадните води, подобро управување со водните ресурси и доследна примена на европското законодавство. Благодарение на овие политики, голем дел од европските плажи, езера и реки денес нудат едни од највисоките стандарди за квалитет на водата во светот.

Сепак, експертите предупредуваат дека предизвиците не исчезнуваат. Загадувањето, губењето на биолошката разновидност и последиците од климатските промени и натаму претставуваат сериозна закана за водните екосистеми. Затоа, и покрај позитивните резултати, ќе бидат потребни нови инвестиции и континуирани мерки за да се зачува високото ниво на квалитет на европските води во иднина.Извештајот испраќа охрабрувачка порака пред летната сезона, огромното мнозинство од водите за капење во вропа остануваат чисти, безбедни и подготвени за милионите граѓани и туристи кои ќе ги посетат европските плажи, езера и реки во текот на летото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс