Јубилејно „Охрид трчаТ“: Рекордни 2.700 учесници од над 30 земји ќе трчаат покрај Охридското Езеро

„Охрид трчаТ“ започна во 2017 година како локална спортска иницијатива, а денес се вбројува меѓу најпрепознатливите спортско-туристички манифестации во Македонија.

Охрид од денес до 7 јуни е во знакот на спортот и рекреацијата, откако започна јубилејното 10-то издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“, кој годинава собра рекордни 2.700 учесници од повеќе од 30 држави. Организаторите на денешната прес-конференција истакнаа дека манифестацијата одамна го надминала концептот на обична трка и прераснала во значаен спортско-туристички настан што ги промовира здравите животни навики, волонтерството, меѓународната соработка и туристичките потенцијали на Охрид.

„Прославуваме 10 години создавање приказни, пријателства, едукација и подигнување на свеста за значењето на спортот и заедништвото. Волонтерите остануваат еден од најважните столбови на овој настан“, изјави Иван Цветкоски од Атлетскиот клуб „Охрид трчаТ“.

Програмата започнува со традиционалната ноќна трка, која оваа година е посветена на компанијата Костал Македонија по повод десетгодишната соработка со организаторите. Покрај спортските натпревари, посетителите ќе имаат можност да учествуваат и во хуманитарни, рекреативни и забавни активности. Предвидени се хуманитарна паста-забава, фитнес настан на отворено, како и повеќе едукативни содржини насочени кон промоција на културното и историското наследство на градот.

Особено внимание е посветено на туристичката понуда, па за учесниците е организирана прошетка со брод до Свети Наум и разгледување на старото градско јадро на Охрид. Главниот натпреварувачки ден е недела. Полумаратонот на 21 километар ќе стартува во 8:15 часот, додека трката на 5 километри е закажана за 9 часот. Во програмата се вклучени и штафетен полумаратон и тим-билдинг трки.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој доби стартен број за рекреативната трка на 5 километри.

„Охрид трчаТ е гордост не само за Охрид, туку и за целата држава. Овој настан создаде меѓународна препознатливост и претставува одлична промоција на градот како спортска и туристичка дестинација“, нагласи Пецаков.

За безбедното одвивање на трките ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети на СВР Охрид. Според командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Владо Аслимоски, долж трасите ќе бидат поставени 32 полициски позиции, а ќе биде ангажирано и целото моторно одделение на сообраќајната полиција.

Организаторите упатија благодарност до волонтерите, институциите, партнерите и спонзорите кои придонесуваат за развојот на манифестацијата. Меѓу учесниците и оваа година ќе настапи македонскиот рекордер и олимписки репрезентативец Дарио Ивановски, а очекувањата се јубилејното издание да биде најмасовното и најуспешното во историјата на настанот. „Охрид трчаТ“ започна во 2017 година како локална спортска иницијатива, а денес се вбројува меѓу најпрепознатливите спортско-туристички манифестации во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс