Јован, херојот од „Пулс“ добитник на наградата „Младинска храброст 2026“

Наградата „Младинска храброст“ е именувана по Раул Валенберг – познат по својата храброст и дела за време на Втората светска војна

Младиот Јован Костадинов од Виница, во тргичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани спаси над 20 лица е меѓу 16-те добитници на годинашната награда „Младинска храброст 2026“ (Young Courage Award).

Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и амбасадите на Шведска,  им ја доделува наградата на млади од 13 до 20 години, кои со своите дела поттикнуваат позитивни промени во светот.

Наградата е именувана по Раул Валенберг – познат по својата храброст и дела за време на Втората светска војна. Востановена е во 2015 со цел да покаже дека и младите може да бидат пример за другите и да придонесуваат за похуман свет – и на локално и на глобално ниво.

-Наградата им оддава признание на млади кои и покрај ограничените ресурси, дејствувале во духот на Раул Валенберг, покажувајќи исклучителна храброст и извонредна иницијатива. Годинава наградата достигна до повеќе земји од кога било досега, наведува Амбасадата на Шведска во Скопје. 

Добитниците биле избрани од номинации што ги поднеле граѓани, училишта и амбасади од 15 земји: Австралија, Канада, Грција, Унгарија, Монако, Црна Гора, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Србија, Шведска, Танзанија, Уганда и САД.

Шеснаесеттемина добитници се поканети во Стокхолм да ги примат признанијата „Младинска храброст“ на официјална церемонија на Денот на Раул Валенберг идниот четврток (27 август), кога ќе биде доделена и наградата „Раул Валенберг“.

Шведската амбасада во Скопје информира дека за време на престојот во Шведска, од 25 до 28 август, добитниците ќе учествуваат и во едукативната програма „По стапките на Раул“ (In Raoul’s Footsteps) во Стокхолм. Програмата опфаќа низа активности, меѓу кои и средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенергард.

е-Трн да боцка во твојот инбокс