Водечката фабрика на Џонсон Мети во Скопје го одбележа производството на својот 170 милионити производ, јубилеј што ја потврдува нејзината клучна улога во глобалното производство на технологии за намалување на емисиите од возилата и подобрување на квалитетот на воздухот.
Од компанијата велат дека овој успех е резултат на долгогодишно континуирано подобрување на производствените процеси, тимска работа и развој на техничките вештини. Секој производ изработен во скопската фабрика придонесува за намалување на штетните емисии од автомобилите и им помага на производителите да ги исполнат сè построгите еколошки стандарди.
„Овој 170 милионити производ е признание за знаењето, вештината и посветеноста на нашите вработени во Македонија. Горди сме што со секој произведен дел придонесуваме за почист воздух и поздрава животна средина“, изјави новиот менаџер на фабриката, Зоран Николов.
Фабриката во Скопје претставува еден од најважните производствени капацитети во рамките на програмата „Clean Air“ на Џонсон Мети. Покрај автомобилската индустрија, технологиите произведени овде се користат и во енергетиката и други индустриски сектори каде што е потребно намалување на емисиите.
Компанијата останува еден од најголемите работодавачи во земјата, со значајна улога во развојот на стручните кадри, технолошките иновации и извозот. Воедно беше соопштено и дека Зоран Николов, кој е дел од фабриката веќе 17 години, ја презема функцијата менаџер на фабриката од Боријан Борозанов, кој ќе продолжи на нова висока менаџерска позиција во рамките на Џонсон Мети.
Од компанијата упатија благодарност до вработените, клиентите и локалните партнери за придонесот во остварувањето на овој значаен јубилеј и најавија продолжување на инвестициите во технологии што придонесуваат за почиста животна средина.