„Јета“: роман на Ивана Трајновска за идентитетот, припадноста и раните на Балканот

Од печат излезе романот „Јета“ од авторката Ивана Трајаноска, објавен како 249-та книга во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје.

„Јета“ е роман што навлегува во прашањата на мултикултурализмот, интеркултурализмот, припадноста и отуѓувањето, но и во сложените конструкции на личниот, националниот, верскиот и женскиот идентитет. Приказната е поставена во историскиот и современиот контекст на поранешна Југославија и денешна Македонија, отворајќи простор за размислување за соживотот, различноста и човечкото достоинство.

Во центарот на романот е ликот на Кадрије, позната по своето тајно партизанско име Јета – Албанка од муслиманско семејство од Македонија, која учествувала во Втората светска војна, а подоцна сама ги израснала своите деца како самохрана мајка. Преку нејзината приказна, романот се враќа на големите општествени и политички промени на Балканот во текот на дваесеттиот век, од партизанската борба и социјалистичката обнова до распадот и неизвесноста на постјугословенскиот период.

Романот не застанува само на животот на главната хероина, туку го опфаќа и нејзиното мултиетничко и мултиконфесионално семејство, нејзините синови, нивните сопруги и нивните деца. Низ генерациска наративна структура, секој лик нуди различна перспектива за тоа како се гради, наследува или преиспитува идентитетот, а воедно и како политичките, културните и емоционалните наследства се пренесуваат низ времето.

Во „Јета“, идентитетот не е прикажан како фиксна категорија, туку како нешто што постојано се обликува под влијание на јазикот, религијата, родот, етничката и националната припадност, но и на личните внатрешни борби за љубов, кохерентност и чувство на припадност. Романот ја преиспитува идејата за „другиот“ и како политички конструкт и како интимна реалност во семејствата и заедниците, отворајќи универзални прашања за ксенофобијата, стравот, емпатијата и можноста за помирување.

Ивана Трајаноска е родена во Скопје во 1981 година. Таа е универзитетска професорка, писателка, преведувачка и интердисциплинарна истражувачка. Авторка е на романите „Разгледници“ од 2008 и „Деса“ од 2021 година, како и на неколку раскази на македонски и англиски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни