Кинескиот малопродажен гигант JD.com доби условно одобрение од германското Министерство за економија за преземање на MediaMarktSaturn, најголемиот европски трговец со електроника.
Одобрението е условено со заштита на личните податоци на купувачите во Германија, како и со доделување широки права за надзор и контрола на германската влада. Во случај на прекршување на условите, германските власти ќе имаат можност да го повлечат одобрението.
Во рамки на проверката на инвестицијата, германските регулатори испитувале дали преземањето би можело да го наруши јавниот ред и безбедноста.
Од JD.com го поздравија одобрението од германското Министерство за економија и енергетика, наведувајќи дека очекуваат целосно одобрување во втората половина од годината.
Европската комисија треба да одлучи до 2 октомври
Преземањето сè уште не е финализирано, бидејќи според правилата на Европската унија потребно е и одобрение од Европската комисија.
По првичната истрага, Комисијата изрази прелиминарна загриженост дека JD.com можеби бил во можност да достави повисока понуда за преземање на Ceconomy, матичната компанија на MediaMarktSaturn, благодарение на кинески државни субвенции.
Европската комисија сега спроведува подетална истрага за да утврди дали преземањето би можело да ја наруши конкуренцијата на единствениот европски пазар.
Според законодавството на ЕУ, конечната одлука треба да биде донесена до 2 октомври.
Понуда вредна 2,2 милијарди евра
JD.com ја поднесе понудата за преземање, вредна 2,2 милијарди евра, минатата година, а неколку месеци подоцна обезбеди мнозински удел во Ceconomy.
Трансакцијата е под лупа на неколку земји членки на Европската унија. Франција, Италија и Германија веќе дадоа зелено светло за аквизицијата, додека одлуките на Шпанија и Австрија сè уште се очекуваат.
Германскиот сојузен регулатор претходно ја одобри трансакцијата, оценувајќи дека не носи проблеми за конкуренцијата, бидејќи JD.com досега работел во Германија во многу ограничен обем.
Кинеските компании бараат раст во Европа
MediaMarktSaturn е најголемиот европски трговец специјализиран за електроника и четврти по големина интернет-продавец во Германија, по Amazon, Otto и Zalando.
Компанијата Ceconomy, која денес ја опфаќа малопродажната група MediaMarktSaturn, беше основана во 2017 година како издвоена компанија од Metro.
Преземањето го означува проширувањето на JD.com на европскиот пазар и го следи трендот на кинески трговци и брендови кои бараат нови можности за раст надвор од домашниот пазар, каде конкуренцијата е сè посилна.
Во март, JD.com ја засили конкуренцијата со Amazon во Европа, отворајќи ја онлајн продавницата JoyBuy во Велика Британија, Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург.
Кинеската компанија во 2024 година планираше да го преземе и британскиот трговец со електроника Currys, но на крајот се откажа. Минатата година безуспешно преговараше и за преземање на Argos, кој е дел од групацијата Sainsbury’s.