Државата и јавните претпријатија должат речиси 700 милиони евра, сметките чекаат со месеци

Дури 903 институции и јавни субјекти имаат достасани, а неплатени обврски од 42,66 милијарди денари, односно околу 693,6 милиони евра. На листата на најголеми должници се железницата, здравството, енергетските компании, но и повеќе општини.
Screenshot

Работата е завршена, услугата е испорачана, фактурата е издадена, но плаќањето доцни. Таква е финансиската слика во значаен дел од јавниот сектор, каде 903 субјекти заклучно со јуни пријавиле достасани, а неплатени обврски од 42,66 милијарди денари, сума што одговара на околу 693,6 милиони евра. 

Податоците од Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски покажуваат дека најголем дел од долгот е концентриран кај државни компании и институции.

На врвот на листата се двете државни железнички компании. ЈП „Македонски железници Инфраструктура“ има неплатени достасани обврски од 91,5 милиони евра, додека АД „Македонски железници Транспорт“ должи 83,9 милиони евра. 

Следува јавниот здравствен сектор, односно институцијата која ги обединува јавните здравствени установи, со 35 милиони евра неплатени обврски.

Високи долгови има и енергетскиот сектор. ЕСМ должи 33,9 милиони евра, додека ЕСМ Дистрибуција на топлина има неплатени обврски од 29,8 милиони евра. 

Меѓу поголемите должници се и повеќе здравствени установи. Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија има неплатени обврски од 28,4 милиони евра, Институтот за трансфузиона медицина 9,5 милиони евра, Универзитетската клиника за детски болести 9,3 милиони евра, а Универзитетската клиника за кардиологија и кардиоваскуларна хирургија 8,2 милиони евра.

Должници има и меѓу општините.

Гостивар има достасани, а неплатени обврски од 14,9 милиони евра, додека Тетово должи 14,1 милион евра. На листата се и Сарај со 4,2 милиони евра, Карпош со 4,1 милион, Кисела Вода со 3,9 милиони, Желино со 3,6 милиони, како и Аеродром и Струга со по околу 3,5 милиони евра. Град Скопје во овој период има пријавено 2,7 милиони евра неплатени обврски. 

Проблемот не завршува со достасаните обврски. Кај дел од субјектите постојат и дополнителни недостасани обврски, што значи дека пријавените 693,6 милиони евра не ја претставуваат целата финансиска изложеност.

Зад секоја неплатена фактура стои компанија или друг доверител кој веќе ја завршил договорената работа, испорачал производ или услуга, но сè уште ги нема добиено средствата.

За приватниот сектор ваквото доцнење може да создаде сериозни проблеми со ликвидноста. Фирмите и покрај неплатените фактури мора да ги сервисираат платите, даноците, придонесите, кредитите и обврските кон сопствените добавувачи.

Така, неплатената сметка од јавна институција не останува само во нејзината сметководствена евиденција, туку може да се претвори во проблем за цел синџир компании што зависат од навремената наплата. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс