Европската унија повторно влезе во трговски дефицит, откако во вториот квартал од годинава увозот на стоки од земјите надвор од Унијата бил поголем од извозот. Според податоците на Евростат, дефицитот достигнал 21,8 милијарди евра, што е прв негативен трговски резултат на квартално ниво од вториот квартал на 2023 година.
Во периодот од април до јуни, ЕУ извезла стоки во вредност од околу 680 милијарди евра, додека увозот достигнал 701,8 милијарди евра. Така, по повеќегодишниот период во кој Унијата остваруваше трговски суфицит, билансот повторно се префрлил во минус.
Најголемиот проблем е енергетиката. Енергетскиот дефицит на ЕУ во вториот квартал се зголемил на 101,1 милијарда евра, од 71,3 милијарди евра во првиот квартал. Растот на цените на енергенсите и високата зависност од увоз на енергија директно се одразуваат врз трговската сметка на Унијата.
Проблемите, сепак, не се ограничуваат само на енергетиката. Евростат посочува дека на намалувањето на трговскиот резултат влијаеле и послабите резултати кај машините и возилата, како и промените во трговијата со Соединетите Американски Држави.
Трендот бил видлив и пред вториот квартал. Во мај ЕУ имала трговски дефицит од 12,1 милијарда евра, наспроти суфицит од 12,7 милијарди евра во истиот месец минатата година. Во периодот јануари мај 2026 година, Унијата имала кумулативен дефицит од 15,9 милијарди евра, додека во истиот период во 2025 година имала суфицит од 70,1 милијарда евра.
Енергетската зависност останува особено чувствителна точка за европската економија. Европската комисија уште во мај предупреди дека енергетскиот шок предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток може да ги зголеми цените на нафтата и гасот, да го забави економскиот раст и дополнително да ја оптовари европската економија.
На тој начин, енергијата повторно се наметнува како еден од клучните фактори за европската трговска и економска стабилност, особено во услови на повисоки увозни трошоци и послаба побарувачка за дел од европските производи.