Најновото дело „Јас сум Живка“ од Ирена Павлова Де Одорико ќе биде промовирано вечерва, 2 октомври, во 19 часот во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Настанот ќе ги спои книжевното претставување и сценската интерпретација на фрагменти од книгата.
Делото обединува поезија, проза и драмско-сатирични дијалози, со биографски и автобиографски елементи. Посветено е на Живко Павлов, истакнат автор на македонскиот хумор и сатира и татко на писателката.
Насловот „Јас сум Живка“ го отсликува духовното и творечкото наследство што авторката го поврзува со својот татко. Низ личната приказна, книгата ги отвора и темите на културната меморија, животот, загубата и траењето.
Во рецензијата, делото е опишано како современа македонска поема која ги поврзува интимното искуство и колективната меморија, претворајќи ја приказната за животот и смртта во поетски израз за опстојувањето на човековиот дух.
Промоцијата е организирана како книжевно-перформативен настан во два дела. Фрагменти од книгата ќе бидат изведени во монолошка и дијалошка форма, со драмски и музички паузи. Покрај авторката, ќе учествуваат Симеон Мони Дамевски, Роберт Вељановски и Татјана Алексиќ.
За книжевните и културолошките аспекти на „Јас сум Живка“ ќе говорат Михајло Марковиќ, Сузана В. Спасовска и Силвана Димитриевска.
Ирена Павлова Де Одорико е поетеса, писателка, книжевна критичарка, есеистка и преведувачка. Повеќе од една деценија живее и работи во Италија, каде ја промовира македонската книжевност и култура. Нејзините дела се застапени во антологии, а поезијата ѝ е преведена на повеќе јазици.
Книгата е објавена во издание на „Восток“ од Битола, денес „Свидерски и син“. Визуелното решение за насловот го потпишува академскиот сликар Сокол Марковски, а изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.