Иницијативата на властите во Токио за полежерно облекување поради екстремните жештини донесе неочекуван проблем во јапонските компании. Додека мажите сè почесто носат шорцеви во канцеларија, дел од жените реагираат дека се соочуваат со таканаречена „сунехара“, чувство на нелагодност од гледањето влакнести нозе. Поради ова, сè повеќе вработени бараат ласерска депилација за да го испочитуваат бонтонот.
Гувернерката на Токио, Јурико Коике, ја претстави иницијативата за полежерно облекување наречена „Токио кул биз“, со цел да се намали употребата на клима уредите и да се заштеди енергија за време на топлотните бранови. Сепак, препораката за носење куси панталони и маици на работното место наиде на поделени реакции.
Истражувањето на клиниката „Горила“ покажа дека 53,5 отсто од испитаниците се против носење шорцеви во канцеларија. Главната причина за незадоволството е изгледот на телото и влакнатоста, а некои вработени го опишуваат ова искуство со терминот „сунехара“, што означува нелагодност од гледање на влакнестите нозе на колегите.
Поради притисокот од колешките и желбата да не создаваат нелагодност, сè поголем број јапонски мажи одлучуваат да го посетат козметичарот пред да ги облечат кусите панталони за на работа.
Директорот на клиниката „Горила“, Акифуми Фунацу, изјави дека клиентите доаѓаат токму поради општествениот бонтон на носење шорцеви, барајќи ласерско отстранување на влакната за да не ги навредат колешките. Властите во Токио нагласуваат дека целта е да им се олесни на луѓето за време на жештините, но дека облеката не треба да биде навредлива за никого.
Покрај естетиката, дебата се отвори и околу праведноста на кодексот на облекување. Некои жени истакнуваат дека релаксацијата на правилата важи претежно за мажите, додека од нив и понатаму се очекува да носат хулахопки дури и на температури над 40 степени.
Јапонија ова лето се соочува со рекордни температури и висока влажност на воздухот, поради што метеоролошката агенција користи посебен термин „кокушо-би“ за денови со температура над 40 степени. Граѓаните се обидуваат да се разладат со разни гаџети, како облека со вградени вентилатори и заштитни чадори, но канцеларискиот дрес-код останува главна тема за расправа.