Несоодветни услови за сместување, недостиг на персонал, слаба достапност на здравствени услуги и недоволни обуки за вработените и понатаму претставуваат едни од клучните проблеми во казнено-поправните установи во земјата. Ова се дел од наодите во Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за 2025 година, презентиран од заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска.
Извештајот посочува дека слични предизвици постојат и во полициските станици, каде што се забележува недостиг на униформиран кадар, несоодветни услови за работа, како и недоволен број посебни простории за разговор со деца и ранливи категории граѓани.
Системски проблеми кои траат со години
Во документот се нагласува дека станува збор за 15-ти годишен извештај на Националниот превентивен механизам, кој го следи спроведувањето на претходно дадените препораки до надлежните институции. Иако дел од препораките се реализирани, поголемиот дел и понатаму остануваат неисполнети.
Според оценките, состојбите во затворскиот и полицискиот систем во голема мера остануваат непроменети, а проблемите што се повторуваат со години сè уште не добиле системско решение, што укажува на потреба од посеопфатни реформи.