Јапонија низ поинаква перспектива: Во МСУ Скопје пристигнува изложбата „Изградена средина“

Музејот на современата уметност во Скопје ќе биде домаќин на патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“, која преку архитектурата, инженерството и природата ја претставува земјата од поинаков агол. Поставката носи 80 експонати од сите префектури на Јапонија и ги претставува делата на некои од најпознатите јапонски архитекти.
Screenshot

Амбасадата на Јапонија, Музејот на современата уметност – Скопје и Јапонската фондација ја организираат патувачката изложба „Изградена средина: Алтернативен водич низ Јапонија“, која на посетителите им нуди можност да ја запознаат Јапонија преку нејзината архитектура, инженерство и односот кон природата.

Изложбата ја претставува разновидноста на јапонскиот архипелаг, кој се протега од снежниот север до суптропскиот југ. Животот во средина изложена на земјотреси, вулкани, цунами и силни сезонски бури придонел за развој на култура на приспособување и отпорност, а токму архитектурата е еден од најдобрите примери за таа поврзаност меѓу човекот и природата.

Посетителите ќе можат да разгледаат 80 примери на архитектонски објекти, инженерски градби, пејзажи и други значајни проекти од сите префектури на Јапонија. Поставката е збогатена со фотографии, текстови и видеоматеријали што ги раскажуваат приказните за истрајноста, креативноста и локалниот идентитет на различните региони.

Посебно место во изложбата имаат делата на светски познати јапонски архитекти и добитници на Прицкеровата награда, меѓу кои Шигеру Бан, Арата Изозаки, Кенго Кума, Јошио Танигучи, Тадао Андо и Кензо Танге, чии проекти оставиле силен белег во современата светска архитектура.

Целата поставка е организирана на оригинални конструкции инспирирани од оригами, изработени од шперплоча и распоредени така што формираат стилизирана карта на четирите главни јапонски острови – Хокаидо, Хоншу, Шикоку и Кјушу, овозможувајќи им на посетителите визуелно патување низ различните региони на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс