Дијана Петрова со нов роман ја открива скриената страна на македонската книжевност

„Изгубените женски ракописи“ е четврта авторска книга на писателката Дијана Петрова, роман кој преку постмодернистички пристап ги поврзува историјата, книжевноста и приказните за заборавените женски авторски гласови. Делото отвора нови перспективи за развојот на македонската литература низ вековите и улогата на жените во културниот живот.

Од печат излезе романот „Изгубените женски ракописи“, четврта авторска книга на македонската писателка Дијана Петрова, дело кое преку постмодернистички и историографски пристап го истражува развојот на македонската книжевност и местото на жените во нејзината историја.

Романот ја следи приказната за наратор кој верува во својата предодреденост да стане писател и преку часови по креативно пишување започнува патување низ личното созревање, но и низ слоевите на македонската книжевна традиција. Преку раскази, писма и различни наративни форми, авторката создава приказна за создавањето на еден писател и за патот што води до книжевниот израз.

Во центарот на романот е потрагата по стар ракопис што го остава пензиониран универзитетски професор. Истражувањето на неговата вистинитост ги води главните ликови до нови ракописи и откритија поврзани со развојот на македонската литература.

Петрова преку фикцијата и историските елементи отвора прашања за перцепцијата на македонската книжевност и нејзиниот развој. Во романот се обработуваат периоди од 13 век, со особен акцент на 19 век, кој претставува еден од најзначајните периоди за развојот на македонската национална и културна свест.

Посебно место во книгата имаат женските авторски гласови и приказните за жените кои биле дел од македонската интелигенција, но често останале надвор од главните историски наративи. Преку темите за женското образование, женската писменост и културниот придонес на жените, романот нуди поинаков поглед кон книжевната и општествената историја.

„Изгубените женски ракописи“ е втора книга на Дијана Петрова која се занимава со теми поврзани со женскоста и повторното откривање на подзаборавени историски ликови, по романот „Излегувањето од сенка Тајното женско училиште“, објавен во 2023 година.

Дијана Петрова е професорка по македонски јазик и литература, дипломирала и магистрирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е и на романот „Бдеењето над себе“, збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ и романот „Излегувањето од сенка Тајното женско училиште“.

Нејзините раскази и есеи се објавувани во повеќе книжевни списанија, а учествувала и на меѓународни книжевни настани. Добитничка е на наградите „Живко Чинго“ за расказите „Јоанес Даубманус“ и „Мизенабим“, како и на наградата од Фондот на холокаустот во Македонија за расказот „Рош хашана“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс