Изгаснат големиот пожар кај Горно и Долно Чичево по 13 часа борба со огнот

Пожарот зафатил линија од околу 10 километри, а во гаснењето учествувале пожарникари, доброволци, три ер-трактори и хеликоптер на МВР.

Големиот пожар што вчера повеќе од 13 часа беснееше во реонот на Клепа, помеѓу селата Горно и Долно Чичево во Општина Градско, доцна синоќа бил целосно изгаснат. Огнот бил ликвидиран околу 22:20 часот од екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, со помош од нивните колеги од ТППЕ Кавадарци и ТППЕ Неготино.

Во гаснењето биле ангажирани и пет доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Неготино, четири огнени тимови со возила „пинцгауер“ ангажирани од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и три ер-трактори и хеликоптер на МВР.

Брзата интервенција спречила пожарот да се прошири кон куќите во двете села. Спасени биле и овоштарниците и лозовите насади во атарите на Горно и Долно Чичево. Пожарот избувнал вчера околу 9 часот кај Долно Чичево, по што брзо се проширил кон Горно Чичево. Поради тешкиот терен, огнот излегол од контрола и се проширил кон околните ридови, формирајќи пожарна линија долга околу 10 километри.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, синоќа од теренот го пофали командирот на ТППЕ Велес, Димче Јованов, оценувајќи го како „вистински херој“ во справувањето со пожарот. Јованов информираше дека условите за гаснење биле исклучително тешки, но дека благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите, доброволците, ДЗС и МВР пожарот бил целосно ликвидиран.

По гаснењето, екипите извршиле увид на опожарениот терен, каде што биле изгаснати и последните жаришта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс