Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат општите избори, а избирачките места се отворени од 7 до 19 часот. На изборите се регистрирани 3.414.364 гласачи, кои избираат претставници на државно, ентитетско и кантонално ниво. Се избираат членовите на Претседателството на БиХ, претседателот и потпретседателите на Република Српска, пратеници во Парламентарното собрание на БиХ и ентитетските парламенти, како и пратеници во кантоналните собранија во Федерацијата БиХ.
Првпат биометриска идентификација и скенери
Овие избори се првите во БиХ на кои се применуваат новите изборни технологии – биометриска идентификација на гласачите и оптичко скенирање на гласачките ливчиња. На редовните избирачки места идентитетот на гласачите се потврдува со биометриска идентификација, а по гласањето ливчето се внесува во скенер. ЦИК БиХ наведува дека се исполнети техничките услови за примена на технологијата.
Сепак, новата технологија не значи дека целото броење е препуштено на машините. Гласовите и понатаму се бројат рачно, а евентуалните разлики се дополнително проверуваат. Целта на системот е да се намали можноста за изборни манипулации, да се зголеми сигурноста на процесот и побрзо да се пренесуваат изборните резултати.
Резултатите би можеле да стигнат побрзо
ЦИК очекува новата технологија да овозможи значително побрза обработка и пренос на податоците во споредба со претходните изборни циклуси. Ова е првпат во БиХ да се применува и систем за брза трансмисија на изборните резултати. На изборите има 5.121 избирачко место, а право на глас имаат околу 3,4 милиони граѓани. Гласањето се организира и во 20 дипломатско-конзуларни претставништва на БиХ во 13 земји.
ЦИК акредитирал 2.432 изборни набљудувачи, од кои 756 се меѓународни, а според проценките на комисијата вкупниот број набљудувачи на изборите е околу 30.000.
Изборите се одржуваат по кампања во која доминираа теми како платите, пензиите и економскиот развој, но и националните прашања и политичките конфликти. Организациите што го следат изборниот процес предупредуваа и на злоупотреба на јавни ресурси, предвремена кампања и говор на омраза. Овие избори затоа не се значајни само поради тоа кој ќе ја добие довербата на гласачите, туку и поради првиот голем тест на новиот технолошки систем на избори во БиХ.
