Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на постапката за избор на член на Комисијата, оценувајќи ја како нетранспарентна и селективна.
Мрежата за заштита од дискриминација е шокирана од, како што велат, начинот на кој Собранието го спроведува изборот на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Информираат дека на веб-страницата на Собранието е објавен дневен ред за седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, со единствена точка – јавна расправа за утврдување на предлог-листа на кандидати.
Според најавата, кандидатите ќе се претстават пред Комисијата во 11:00 часот, а веќе во 14:00 часот истиот ден треба да се утврди името на кандидатот што ќе биде предложен за избор.
Сепак, од Мрежата укажуваат дека на листата воопшто ги нема двете кандидатки од организациите што ја сочинуваат Мрежата, иако нивните пријави биле уредно доставени.
Тие потсетуваат на член 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој Комисијата треба да утврди предлог-листа по спроведена јавна расправа и да достави материјали за сите пријавени кандидати.
„Па, предвид ваквиот член, прашуваме каде се овие две уредно доставени пријави на кандидатки кои доаѓаат од граѓанскиот сектор? Постапките за избор на членови на независни тела не смеат да се водат нетранспарентно, селективно или на начин што остава сомнеж во однапред донесени одлуки“, стои во реакцијата.
Оттаму додаваат дека ваквиот пристап создава парадоксална ситуација – да се избира член на Комисија за спречување на дискриминација, а истовремено да се оневозможува дел од кандидатите да се претстават на јавна расправа.
Мрежата бара од Комисијата за избори и именувања итно да објасни врз која основа е ограничено правото на кандидатките да бидат избрани, како и дали има и други кандидати што не биле повикани да ги презентираат своите кандидатури.
„Конечно, бараме од Собранието јавно да одговори која е целта на усвојувањето на закони и процедури и за кого важат тие, кога очигледно не важат за телата на Собранието“, стои во реакцијата.