Глоби до 500 евра за родителите: Италијанско летовалиште воведе ноќен полициски час за деца

Полицијата регистрира сè повеќе ноќни инциденти, па властите во Праја а Маре го ограничија движењето на малолетниците.
Фото: rawpixel.com

Општината Праја а Маре во италијанската регија Калабрија воведе забрана за самостојно движење на деца под 14 години по еден часот по полноќ. Одлуката важи до крајот на август, а за прекршување на правилата предвидени се парични казни за родителите од 100 до 500 евра. Оваа мерка е одговор на локалните власти на зачестените случаи на вандализам, ноќни собири и нарушување на јавниот ред и мир.

Првиот човек на летовалиштето, Антонино Де Лоренцо, ја образложи одлуката со зголемените ризици на кои се изложени малолетниците во доцните часови. Според властите, ноќните собири сè почесто завршуваат со оштетување на имотот, фрлање отпад и ризично однесување во сообраќајот, особено со електрични тротинети. Полицијата веќе заплени неколку вакви возила за време на ноќните контроли.

Ова е втора година по ред како летовалиштето ги применува истите правила за време на летната сезона. Општинските власти нагласуваат дека целта не е затворање на младите, туку нивна заштита од сообраќајни несреќи, физички напади и изложеност на алкохол и наркотици.

Според новата одредба, децата под 14 години по еден часот по полноќ можат да останат на јавни места само доколку се во придружба на родител или друга одговорна возрасна особа. Доколку полицијата затекне малолетник без придружба, глобата се упатува директно до неговите родители или старатели.

Мештаните и угостителите имаат различни мислења за ова решение. Додека дел од жителите сметаат дека полицискиот час донесе потребен мир во градот, дел од критичарите предупредуваат дека мерката ги загрозува и младите кои се однесуваат примерно. Градоначалникот соопшти дека е подготвен да ја укине забраната веднаш штом ќе се намалат случаите на вандализам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс