Како да се подготвите за поплава? Во недела едукативен настан кај „Школка“

Посетителите ќе можат да проверат колку нивниот дом е подготвен, да дознаат кои основни работи треба да ги имаат при рака и да се запознаат со картите на ризик од поплави

Што треба да содржи една итна торба, како да ги препознаете ризиците од поплави и кои информации да ги дадете при повик на 112? Одговори на овие прашања ќе понуди настанот „Отпорноста почнува дома“, кој ќе се одржи в недела, на 18 октомври, од 11 до 14 часот кај „Школка“ во Градскиот парк во Скопје.

Настанот е наменет за посетители од сите возрасти, со интерактивни активности, квизови и демонстрации за подготовка на домаќинствата за итни ситуации и намалување на последиците од поплавите.

Посетителите ќе можат да проверат колку нивниот дом е подготвен, да дознаат кои основни работи треба да ги имаат при рака и да се запознаат со картите на ризик од поплави. Во соработка со Црвениот крст ќе бидат претставени и практични пристапи за прва помош и поддршка на заедницата.

За децата и семејствата се предвидени посебни едукативни активности. Преку таканаречената „Патека на отпорноста“ ќе бидат претставени пет чекори за подобра подготвеност: „Знај“, „Подготви се“, „Препознај“, „Реагирај“ и „Побарај помош“.

Програмата ќе почне со отворање во 11 часот, по што од 11:15 часот ќе биде претставена „Патеката на отпорноста“. Од 11:30 до 14 часот посетителите ќе можат да ги истражуваат тематските зони и да учествуваат во демонстрациите и квизовите.

„Поплавите не можат секогаш да се спречат, но нивните последици можат да се намалат преку подобро разбирање на ризиците, подготвеност и навремено дејствување“, порачуваат организаторите.

Настанот се организира по повод Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи, во рамките на проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку усогласување на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризикот од поплави“, во партнерство со Црвениот крст.


Проектот е кофинансиран од Европската Унија, а го спроведуваат ЕПТИСА и нејзиниот конзорциум, за потребите на Министерството за животна средина и просторно планирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс