Амнести предупредува: Италијанските центри во Албанија ги кршат човековите права

Депортацискиот модел на Мелони носи бранови од самоповредувања и обиди за самоубиство, додека Рим сè уште ги блокира независните инспекции.
Фото: EPA/DJORDJE SAVIC

Организацијата Амнести интернешнал објави извештај во кој предупредува дека италијанските центри за мигранти во Албанија системски ги кршат човековите права. Во извештајот се бара од Европската унија веднаш да се откаже од плановите за ширење на слични објекти надвор од своите граници, откако во објектите беа регистрирани десетици драматични инциденти, обиди за самоубиство и прекини во правната заштита на луѓето.

Извештајот на Амнести интернешнал открива загрижувачки податоци за условите во центарот Ѓадер во Албанија, каде што Италија ги испраќа барателите на азил додека чекаат депортација. Во период од само еден месец беа забележани 42 критични инциденти, меѓу кои чести случаи на самоповредување, најмалку два обиди за самоубиство со бесење и еден насилен протест. Организацијата истакнува дека самиот трансфер и престојот се одвиваат под нечовечки и понижувачки услови.

Амнести предупредува дека затворениците во Албанија имаат исклучително ограничен пристап до адвокати и судови, со што директно им се скратува правото на правна заштита и азил. Постапката за избор на лица кои се депортираат во овие центри е нетранспарентна. Овие проблеми дополнително се продлабочуваат поради однесувањето на италијанските власти, кои систематизирано го попречуваат независниот надзор, го ограничуваат парламентарниот увид и ги заобиколуваат редовните законски процедури.

И покрај тоа што Италија веќе има испратено над 500 луѓе во овие објекти, италијанските судови уште во 2024 година пресудија дека првите групи мигранти не смеат да се задржуваат таму бидејќи нивните матични земји не се безбедни. Сепак, Рим притиска за проширување на овој модел во повеќе африкански земји. Амнести алармира дека Брисел не смее да ги замижува очите пред овие прекршувања за сметка на политиката за екстернализација на границите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс