Историски пресврт во Европа: Електричните автомобили за првпат ги надминаа бензинците

Електричните автомобили првпат продадени во поголем број од бензинските во Европа. Кинеските производители бележат рекорден раст, а дизелите продолжуваат да губат пазарен удел.

Европскиот автомобилски пазар влегува во нова ера. Во мај 2026 година, електричните автомобили за првпат продадени во Европа го надминаа бројот на новорегистрирани бензински возила, што претставува историска пресвртница за автомобилската индустрија. Според најновите податоци, во Европската Унија, Обединетото Кралство и земјите од ЕФТА, електричните возила достигнале пазарен удел од 23,3 проценти во мај, додека бензинските автомобили паднале на 21,7 проценти.

Вкупниот број новорегистрирани автомобили во Европа пораснал за 3,6 проценти и достигнал 1,15 милиони возила. Само во Европската Унија биле регистрирани 955.013 нови автомобили, што е раст од 3,2 проценти во споредба со истиот период лани. Од почетокот на годината до крајот на мај во ЕУ биле регистрирани повеќе од 950.000 целосно електрични автомобили, со што тие достигнале удел од 20 проценти на европскиот пазар. Сепак, најголем удел и понатаму имаат хибридните возила со 37,8 проценти.

Најголем раст на продажбата на електрични автомобили е забележан во Италија, каде продажбата скокнала за 75,7 проценти. Следуваат Франција со раст од 55,4 проценти и Германија со 40,9 проценти.

Значаен придонес за растот има и американската компанија Tesla. Моделот Tesla Model Y повторно беше најпродаваниот електричен автомобил во Европа со 17.183 продадени примероци, додека продажбата на Tesla Model 3 порасна за дури 198 проценти.

Во исто време, бензинските и дизел автомобилите продолжуваат да губат популарност. Продажбата на бензински модели од почетокот на годината е намалена за 18,2 проценти, додека кај дизелите падот изнесува 16,6 проценти. Денес дизел автомобилите сочинуваат само 7,6 проценти од новите регистрации во Европската Унија. Дополнителна промена на пазарот носат кинеските производители. Во текот на мај тие продале повеќе од 121.000 возила во Европа и за првпат освоиле над 10 проценти од пазарот.

Најголем раст бележи кинескиот производител BYD, кој ја зголемил продажбата за 145 проценти и за првпат станал најпродаван кинески автомобилски бренд во Европа. Силен раст бележат и Geely, SAIC Motor, како и брендовите Omoda, Jaecoo, Jetour, Leapmotor и Xpeng. Актуелните трендови покажуваат дека 2026 година може да остане запаметена како моментот кога електричните автомобили дефинитивно преминаа од алтернатива во доминантен избор за европските купувачи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс