Шара викендов ќе ги собере планинарите: 44-то традиционално искачување на Титов Врв

Повеќе од илјада планинари од Македонија и од регионот викендов ќе се соберат на Шар Планина за 44-тото традиционално искачување на Титов Врв, во организација на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово.

Настанот ќе се одржи на 31 мај, а и годинава се очекува да биде едно од најмасовните планинарски собирања во земјава. Традицијата, која трае повеќе од четири децении, од година во година привлекува сè поголем број љубители на планината. Една од најпосетените години досега беше 2016, кога околу 1.300 планинари учествуваа во искачувањето до Титов Врв.

„За нас ова традиционално искачување претставува традиција што ги поврзува генерациите. ПК ‘Љуботен’ повеќе од четири децении ја негува оваа приказна и токму затоа е важно да продолжиме да ја одржуваме – заради љубовта кон планината, заради младите кои допрва треба да ја откријат магијата на Шара и заради чувството на заедништво што секоја година повторно нè собира под ова македонско небо. Титов Врв отсекогаш бил место каде што се создаваат пријателства, спомени и инспиративни животни приказни“, изјави Јован Божиноски, претседател на ПК „Љуботен“.

Годинава, покрај главното искачување, за првпат ќе се организира и посебна тура за деца. Таа ќе се одржи на 30 мај и ќе вклучува лесна планинарска прошетка, едукативни и забавни активности, креативни работилници и еко-акции.

Во рамки на настанот ќе има и планински базар со рачни изработки, локални производи и сувенири. Организаторите најавуваат планинарско дружење, музика и богата програма на Попова Шапка, каде повторно ќе се почувствува препознатливиот дух на заедницата што со години го гради ПК „Љуботен“.

На 31 мај, колоната планинари традиционално ќе тргне од Попова Шапка кон Титов Врв по Вакуфската патека. Организаторите очекуваат уште едно незаборавно издание на настанот, кој веќе 44 години е еден од најсилните симболи на македонското планинарство.

Годинава, по 20-ти пат, генерален спонзор на традиционалното искачување е ТТК Банка, додека златен спонзор е А1 Македонија. Настанот има меѓународен карактер и е дел од календарот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, која континуирано ги поддржува активностите на ПК „Љуботен“.

Под македонското сонце и со поглед кон Шара, илјадници луѓе повторно ќе се соберат обединети од истата љубов — љубовта кон планината. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс