Ирска втора година по ред ја бојкотира Евровизија поради учеството на Израел

Ирскиот јавен сервис нема да испрати претставник ниту да го пренесува настанот во Бугарија поради хуманитарната криза во Газа.

Ирска нема да учествува на Изборот за песна на Евровизија 2027 година во Бугарија поради континуираното учество на Израел, соопшти ирскиот јавен сервис RTE. Одлуката за бојкот на фестивалот, втора година по ред, доаѓа како реакција на големиот број цивилни жртви и тешката хуманитарна криза во Појасот Газа. Телевизијата потврди дека покрај повлекувањето на свој претставник, целосно ќе го откаже и телевизискиот пренос на целата манифестација.

Јавниот сервис RTE ја образложи одлуката со состојбата на теренот, посочувајќи го постојаното страдање на цивилите како главна причина за повлекувањето. Во официјалното соопштение се наведува дека телевизијата не може да биде дел од настанот во услови на „страотна и континуирана загуба на човечки животи во Газа и хуманитарна криза која сè уште загрозува огромен број цивили“.

Ирска беше дел од групата од пет земји, заедно со Холандија, Исланд, Словенија и Шпанија, кои годинава одбија да настапат на евровизиската сцена во знак на протест против воените дејствија на израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Директорот на фестивалот, Мартин Грин, соопшти дека организаторите жалат за ваквиот потег, но целосно го почитуваат изборот на Даблин.

„Сите радиодифузери на годишно ниво самостојно одлучуваат за учество на натпреварот следната година. Ќе останеме во контакт со RTE и се надеваме дека во иднина повторно ќе им посакаме добредојде на натпреварувањето“, рече Грин.

Минатиот месец и холандскиот јавен сервис AVROTROS објави идентична одлука, оценувајќи дека фестивалот повеќе не може да се смета за неутрална сцена додека една од земјите учеснички директно води воен конфликт од големи размери.

Следното евровизиско издание треба да се одржи во мај 2027 година во црноморскиот туристички центар Бургас, откако бугарската пејачка Дара победи на натпреварот во 2026 година со песната „Bangaranga“.

Евровизија е основана во 1956 година со идеја да ги обедини европските народи по Втората светска војна. Израел се натпреварува од 1973 година како една од ретките земји надвор од европскиот географски простор. Сепак, претходните изданија во Малме, Базел и Виена беа придружени со масовни пропалестински протести на улиците и исклучително ригорозни безбедносни протоколи во салите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс