Iron Maiden продадоа дел од своите музички права, вклучително и правата на нивната маскота Еди

Легендарната британска хеви-метал група Iron Maiden продаде 50 отсто удел во своите издавачки и мастер музички права, како и во правата за името, лик и изгледот (NIL), соопшти во вторникот шведската инвестициска фирма Pophouse Entertainment.
Фото: Raph_PH, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Договорот, чии финансиски детали не се откриени, вклучува и удел во правата поврзани со Еди, популарната маскота на бендот.

Pophouse Entertainment, компанија кооснована од Бјорн Улвеус од АББА, веќе ги поседува музичките права на Тина Тарнер, Kiss и Синди Лопер. Извршната директорка на Pophouse, Џесика Коравос, изјави дека договорот е структуриран како 50-50 партнерство, со план заедно да ги исполнат идните планови на бендот. Таа посебно ги истакна можностите за „градење свет” околу ликот на Еди, укажувајќи дека хеви-метал жанрот, особено со оваа маскота, се погодни за третман во насока на хорор.

Основан во Лондон во 1975 година од басистот Стив Харис, Iron Maiden е меѓу најиздржливите и највлијателните бендови во историјата на музиката, со продадени над 100 милиони плочи низ 17 студиски албуми, и освоени Греми, Брит и Ivor Novello награди. Бендот неодамна одбележа 50 години постоење со светска турнеја „Run For Your Lives”, а во ноември годинава ќе биде примен во Куќата на славните на рокенролот. BMG, кој работи со бендот во САД од 2013 година, го задржува својот сопственички удел во каталогот.

Партнерството се протега и надвор од музиката. Pophouse и Iron Maiden веќе соработуваат на снимање на нивната турнеја за подготовка на значаен кино-проект, а идните планови вклучуваат проширување на интерактивни искуства за фановите и развој на дигитален универзум центриран околу Еди.

Менаџерот на бендот, Род Смолвуд, изјави дека е воодушевен од новото партнерство, кое им овозможува побрзо да ги остварат своите планови.

„Интересот кон бендот никогаш не бил поголем, и со ова стратешко партнерство фановите можат да бидат сигурни дека има уште многу работи за Maiden, а Еди ќе владее!” изјави тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс