По застојот во преговорите меѓу САД и Иран за завршување на конфликтот, Техеран тврди дека упатил нов предлог до посредници во Пакистан, јавуваат иранските државни медиуми. Според агенцијата Ирна, предлогот бил доставен преку дипломатски канали, а се повикува на извори од властите во Техеран. Иранската државна телевизија Ириб објави дека министерот за надворешни работи Абас Арагчи контактирал повеќе регионални партнери и ги информирал за „нови иницијативи за завршување на војната“.
Меѓу нив, како што се наведува, се министрите од Турција, Египет, Катар, Саудиска Арабија, Ирак и Азербејџан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас. Засега нема потврда од Пакистан за прием на новиот предлог, ниту детали за неговата содржина.
Мировни напори во застој
Разговорите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат блокирани, и покрај обидите за посредување. Примирјето кое е на сила е продолжено еднострано, без јасен временски рок.
Иран претходно оваа недела доставил и друг предлог кој бил одбиен од САД. Според извештаи на американски медиуми, Техеран предложил одложување на преговорите за неговата нуклеарна програма, што Вашингтон го отфрлил. Иранска нуклеарна програма останува клучна точка на спор меѓу САД и Израел, кои го обвинуваат Иран за стремеж кон развој на нуклеарно оружје, обвинувања што Техеран постојано ги негира.
Конфликтот, кој ескалираше по воени напади во регионот, доведе до сериозни тензии во Персискиот Залив. Стратешкиот Ормуски теснец останува чувствителна точка, со зголемено воено присуство и ограничено движење на бродови.