Техеран до Вашингтон достави најнов предлог кој вклучува крај на конфликтот на сите фронтови, вклучително и Либан, повлекување на американските трупи од областите во близина на Иран и надомест за штетата предизвикана од војната меѓу САД и Израел, објавија државните медиуми.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека Техеран, исто така, побарал укинување на санкциите, ослободување на замрзнатите средства и крај на американската поморска блокада, според новинската агенција ИРНА.
Условите опишани во иранските извештаи не се значително променети во споредба со претходната понуда на Иран, која американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли како „ѓубре“ минатата недела, објави Ројтерс.
Трамп тврди дека го одложил планираниот напад
Трамп вчера изјави дека го одложил планираниот напад врз Иран откако Техеран испрати нов мировен предлог до Вашингтон и дека сега постои „многу добра перспектива“ за постигнување договор за ограничување на нуклеарната програма на Иран.
Под притисок да се постигне договор со кој би се отворил Ормутскиот теснец, клучен премин за светската нафта, гас и други производи, Трамп претходно изрази надеж дека договорот за завршување на војната е блиску и се закани со силни напади врз Иран доколку Техеран не се согласи со него.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побарале одложување на нападот бидејќи „ќе се постигне договор, кој ќе биде многу прифатлив за Соединетите Американски Држави, како и за сите земји на Блискиот Исток и пошироко“.
Подоцна, во разговор со новинарите, Трамп рече дека САД би биле среќни доколку се постигне договор со Иран што би го спречил да се здобие со нуклеарно оружје. „Изгледа дека има многу големи шанси да постигнат договор. Ако можеме да го завршиме тоа без да ги бомбардираме до смрт, ќе бидам многу среќен“, им рече Трамп на новинарите.