Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ја оцени најавата за нови американски санкции како „знак на очај“, тврдејќи дека дополнителниот притисок нема да го натера Техеран да попушти.
Арагчи во видео објавено на Телеграм порача дека Вашингтон треба да разговара со Иран „со почит“ за да се најде решение засновано на „правда и чест“.
Според него, американските досегашни мерки, вклучително и санкциите и воените потези, не успеале да го скршат Иран.
Од друга страна, американскиот министер за финансии Скот Бесант најави дека во вторник ќе бидат објавени, како што ги нарече, „најстрогите санкции во историјата“ против Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, предупреди дека последици ќе има за секоја земја што ќе му обезбедува „каква било поддршка на Иран“. Бесант особено ја повика Кина да соработува со Вашингтон, имајќи предвид дека Кина купува повеќе од 80 отсто од иранската нафта.
Пекинг повика на дипломатско решение.
Во меѓувреме, тензиите дополнително се зголемуваат поради состојбата во Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски патишта за транспорт на нафта. Ограничувањето на пловидбата низ теснецот веќе влијае врз глобалното снабдување и придонесува за раст на цените на нафтата.
Вашингтон најавува нов удар со санкции, Техеран тврди дека нема да попушти – а ризикот од дополнителен потрес на светскиот енергетски пазар расте.