Њујорк Тајмс: Иран размислувал за напад на пристаниште во Украина

Одмаздата се разгледувала откако Украина нападна ирански брод во Каспиското Езеро и уби морнар, но дипломатијата засега ја смирила кризата.

Иран размислувал за напад на украинско пристаниште на Црното Море како одговор на нападот на Украина врз ирански трговски брод во Каспиското Езеро во саботата, во кој загина еден цивилен морнар. Интензивните дипломатски контакти засега ја смириле ситуацијата, пишува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на западни и ирански функционери.

Според извори запознаени со разузнавачки податоци, Иран размислувал да испука балистички проектил со помала бојна глава кон Украина, со цел да испрати симболична порака и да предизвика ограничена материјална штета. Други функционери посочиле дека најверојатна мета би било едно од украинските пристаништа на Црното Море.

Сите соговорници на Њујорк Тајмс зборувале под услов на анонимност. Западните функционери поради чувствителни разузнавачки податоци, иранските поради дискусии за воени планови.

Испукување проектил од Иран кон Украина би претставувало драматична ескалација на конфликтот и можело да поттикне поширока војна, со оглед на напнатоста меѓу двете земји поради сојузништвото на Техеран и Москва. Иранските функционоери рекле дека се надеваат дека конфликтот би завршил по нивната одмазда. Западните функционери, пак, предупредуваат дека е тешко да се предвиди како би реагирала Украина.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во неделата го нарече украинскиот напад кршење на Повелбата на Обединетите нации, со цел да ја вовлече Европа во иранската војна со Соединетите Американски Држави. На социјалните мрежи напиша дека инцидентот „не може да остане без одговор.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс