Иран го затвора Ормускиот Теснец, САД возвраќаат: Трамп се закани, почнуваат клучни преговори во Швајцарија

Иран објави затворање на Ормускиот Теснец поради тензиите на Блискиот Исток. САД тврдат дека сообраќајот продолжува, додека американски и ирански претставници пристигнуваат во Швајцарија на нови преговори.

Иран објави дека го затвора Ормускиот Теснец, еден од најважните светски поморски коридори, како одговор на израелските напади во јужен Либан и, според Техеран, непочитувањето на првата точка од привремениот договор за прекин на војната од страна на Соединетите Американски Држави.

Во исто време, додека продолжуваат судирите меѓу Израел и Хезболах, кои дополнително го загрозуваат дипломатскиот процес, Вашингтон и Техеран испраќаат делегации во Швајцарија на нова рунда преговори.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс претходно изјави дека Ормускиот Теснец останува отворен, но не е јасно дали неговата изјава е дадена пред или по иранската објава за затворањето.

Иранската делегација пристигна во Цирих

Иранската делегација пристигна во Цирих, Швајцарија, каде што треба да се одржат разговорите со американските претставници. Преговорите се планирани во швајцарското планинско одморалиште Биргеншток.

Делегацијата ја предводи претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, кој е главен преговарач на Техеран.

Венс отпатува за Швајцарија

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во саботата отпатува од воздухопловната база Ендрјус кон Луцерн, каде што ќе учествува во разговорите со Иран.

Во Швајцарија веќе се наоѓаат специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, кои работат на техничките детали на преговорите.

Трамп се закани со наплата за премин низ Ормускиот Теснец

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави би можеле да воведат наплата за бродовите што поминуваат низ Ормускиот Теснец доколку не биде постигнат конечен договор со Иран.

Според него, таквата такса би претставувала надомест за „услугите на ангел чувар“ што САД ги обезбедуваат во регионот на Блискиот Исток.

САД: Иран не го контролира теснецот

Американската Централна команда соопшти дека Иран не го контролира Ормускиот Теснец и дека поморскиот сообраќај низ него се одвива нормално. Портпаролот на командата, капетан Тим Хокинс, изјави дека американските сили внимателно ја следат ситуацијата и ќе продолжат да обезбедуваат слободна пловидба низ овој стратешки важен морски премин.

И покрај спротивставените тврдења од Техеран и Вашингтон, останува неизвесно дали најавеното затворање ќе има реално влијание врз глобалниот транспорт на нафта и енергенси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс