Иран тврди дека 30 бродови го поминале Ормускиот теснец во последните 24 часа

Иранските медиуми јавуваат дека меѓу бродовите што добиле дозвола за премин имало и кинески пловила, по координација меѓу Техеран и Пекинг.

Околу 30 бродови од средата вечерта поминале низ Ормускиот теснец со дозвола од Техеран, соопшти Иранската револуционерна гарда. Иранските медиуми јавуваат дека транзитот се одвивал под надзор на морнарицата на Револуционерната гарда и според новите правила што Техеран ги постави за пловидба низ еден од најважните светски енергетски коридори.

Според иранската агенција Фарс, меѓу бродовите што добиле дозвола за премин имало и пловила поврзани со Кина. Тасним, агенција блиска до Револуционерната гарда, објави дека кинески бродови поминале низ теснецот по координација меѓу Техеран и Пекинг, при што блиските билатерални односи и стратешкото партнерство одиграле клучна улога.

Иранските власти, сепак, нагласуваат дека транзитот и натаму е забранет за бродови поврзани со „непријателски држави“. Техеран тврди дека Ормускиот теснец не е блокиран, но во пракса бродските компании мора да се координираат со иранските власти и да добијат дозвола за движење низ безбедносниот коридор покрај иранскиот брег.

Ова се случува во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп е во Пекинг на разговори со кинескиот лидер Ши Џинпинг. Според Белата куќа, двете страни се согласиле дека Ормутскиот теснец мора да остане отворен за непречена испорака на енергенси, бидејќи преку него минува значаен дел од глобалната трговија со нафта и гас.

Ормускиот теснец е во центарот на новата енергетска и безбедносна криза по нападите на САД и Израел врз Иран на крајот од февруари. Иран потоа ја засили контролата врз пловидбата, додека САД одговорија со блокада на иранските пристаништа, со цел да ги ограничат приходите на Техеран од нафта.

Проодноста на кинеските бродови покажува дека Ормускиот теснец не е целосно затворен, но и дека пристапот до него сè повеќе зависи од политички односи, дозволи и безбедносни проценки. За светскиот енергетски пазар, тоа значи дека ризикот од нови нарушувања останува висок, особено ако тензиите меѓу Иран, САД и нивните сојузници продолжат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс