ИНОВА објави јавен повик за пријавување и избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на програмските активности „Поддршка за самовработување” и „Ваучерски систем на советување”, предвидени со Годишната програма за работа на Агенцијата за 2026 година.
За реализација на овие активности се обезбедени 60,2 милиони денари, наменети за поддршка на идните претприемачи и унапредување на работењето на микро, малите и средните претпријатија.
Со јавниот повик, ИНОВА отвора можност за вклучување на стручни организации кои ќе имаат активна улога во развојот на претприемачкиот потенцијал, поттикнувањето на самовработувањето и зајакнувањето на конкурентноста на домашниот бизнис-сектор.
Поддршката е насочена кон невработените лица и потенцијалните претприемачи кои сакаат да започнат сопствен бизнис, како и кон постојните компании на кои им се потребни стручни совети и насоки за надминување на деловните предизвици и остварување понатамошен раст и развој.
Преку Ваучерскиот систем на советување, корисниците ќе добијат пристап до специјализирани консултантски услуги, додека поддршката за самовработување ќе им помогне на потенцијалните претприемачи да ги претворат своите бизнис-идеи во конкретни деловни иницијативи, преку подготовка на бизнис-планови и започнување сопствена деловна активност.
Од вкупно предвидените средства, 57.775.000 денари се наменети за Поддршка за самовработување, а 2.500.000 денари за Ваучерскиот систем на советување.
Право на учество имаат правни лица, фондации за поддршка на претпријатија и здруженија за микро, мали и средни претпријатија кои располагаат со соодветен стручен кадар, релевантно искуство, воспоставени партнерства и потребни технички и просторни капацитети.
Избраните организации ќе склучат тригодишни договори со ИНОВА и ќе добијат статус на овластени организации за деловна поддршка, со што ќе станат дел од системот за советување и поддршка на претприемништвото.
Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик, заклучно со 13 ноември 2026 година. Пријавувањето се врши електронски преку Националниот портал за електронски услуги.
Целосниот текст на јавниот повик и придружната документација се достапни на веб-страницата на ИНОВА: https://inova.gov.mk/јавен-повик-бр-1-2026-за-пријавување-и-избор/ .
За дополнителни информации, заинтересираните организации можат да се обратат на телефонскиот број 070 381 945.
