Инклузивна промоција на сликовниците на Денис Јанкуловски – Космонаутко во Тетово

Пред публиката ќе бидат промовирани сликовниците „Големиот сон“, „Другарко“ и „Другарка, Другарко и две маченца“,

Три сликовници на авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко ќе бидат претставени на инклузивна промоција на 17 септември, од 19 часот, во „Europe House“ во Тетово.

Пред публиката ќе бидат промовирани сликовниците „Големиот сон“, „Другарко“ и „Другарка, Другарко и две маченца“, кои преку своите ликови и приказни ги доближуваат до децата вредностите на пријателството, прифаќањето, емпатијата и вербата во сопствените соништа.

Сликовниците се збогатени со илустрации на Наташа Костовска и Алексеј Костовски, а на промоцијата ќе учествуваат и повеќе деца од Тетово.

Во програмата ќе настапат Агрон Хајредини и Никола Стојаноски, како и Детскиот хор „Крешендо“, предводен од диригентките Фотини Георгиадис Кировска и Марија Пулковска Здравковска.

Авторот Денис Јанкуловски ќе зборува за создавањето на сликовниците, нивните пораки и ликовите што го населуваат нивниот шарен книжевен свет.

Посетителите ќе имаат можност подобро да ги запознаат Тина – ѕвездата што сонува големи соништа, Другарко и Другарка, маченцата Рони и Бони, како и другите јунаци преку кои се раскажуваат приказни за различностите и за важноста секое дете да биде прифатено и вклучено.

Јанкуловски, познат во јавноста и како Космонаутко, во својата работа особено внимание посветува на инклузијата, солидарноста и создавањето средина во која децата ќе можат слободно да растат, да се дружат и да ги развиваат своите способности.

Промоцијата се организира со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и „Europe House“, како дел од дополнителната програма на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Настанот е отворен за сите љубители на детската литература, родителите, наставниците и децата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс