Инфлуенсер маркетингот станува стратешка алатка за домашните компании

На E-commerce Meetup во организација на АЕТМ, компаниите и креаторите разговараа за довербата, автентичноста и мерливите резултати во инфлуенсер маркетингот.

Инфлуенсер маркетингот влегува во позрела фаза, во која успехот сè повеќе се темели на доверба, автентичност, долгорочни партнерства и мерливи бизнис резултати.

Ова беше една од главните пораки од E-commerce Meetup-от што се одржа во Casa Bar, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во соработка со Иуте Македонија.

Настанот ги обедини претставниците на бизнис заедницата, маркетинг професионалците и креаторите на содржина, кои споделија искуства и практики за современиот пристап кон инфлуенсер маркетингот.

Практични искуства од домашниот пазар

Преку практични примери од домашниот пазар, учесниците разговараа за тоа како компаниите денес пристапуваат до инфлуенсерите и како воспоставуваат успешни партнерства.

Во фокусот беа изборот на вистински креатори на содржина, показателите за мерење на повратот на инвестицијата (ROI), како и најчестите предизвици и добри практики при реализација на инфлуенсер кампањи.

Во панел-дискусијата учествуваа Дијана Илиевска, Campaign Manager во Ananas.mk, Александра Стојановиќ, Marketing Manager во Fashion Group Macedonia, Драгана Ѓоќиќ, Head of Strategic Marketing во Korpa.mk, и инфлуенсерот Стефан Спирковски.

Модератор на разговорот беше Димитар Атанасовски, ко-основач на маркетинг агенцијата Идеа Лаб.

Долгорочни амбасадори наместо еднократни кампањи

Драгана Ѓоќиќ од Korpa.mk нагласи дека инфлуенсер маркетингот сè повеќе се позиционира како долгорочен стратешки канал за комуникација на брендовите.

„Најголема вредност се создава кога инфлуенсерите стануваат долгорочни амбасадори на брендот, а не кога се ангажираат само за една кампања“, истакна Ѓоќиќ.

Александра Стојановиќ од Fashion Group Macedonia посочи дека успешноста на кампањите зависи пред сè од правилниот избор на инфлуенсери и од усогласеноста со вредностите на брендот.

„Не е најважно кој има најмногу следбеници, туку кој најавтентично го претставува брендот“, рече Стојановиќ.

Автентичноста како клуч за доверба

Инфлуенсерот Стефан Спирковски нагласи дека автентичноста и искрената поврзаност со производот се клучни за успешна комуникација со публиката.

„Публиката денес многу лесно препознава кога содржината е искрена, а кога станува збор за класична реклама. Најдобрите резултати се постигнуваат кога постои автентичност, кога инфлуенсерот навистина верува во производот и има слобода да ја креира содржината на свој начин“, истакна Спирковски.

Дијана Илиевска од Ananas.mk нагласи дека инфлуенсер маркетингот мора да биде дел од поширока стратегија, со јасно дефинирани цели и мерливи резултати.

„Успехот не се мери само со лајкови, туку и со ангажман, кликови, продажба и реален ефект врз целната публика“, рече Илиевска.

Иднината е во довербата и мерливите резултати

Заеднички заклучок од панелот беше дека иднината на инфлуенсер маркетингот не се темели на бројот на следбеници, туку на довербата, автентичноста, долгорочните партнерства и јасно мерливите бизнис резултати.

Со овој E-commerce Meetup, АЕТМ продолжува активно да ја поддржува заедницата за е-трговија преку отворање актуелни теми, споделување практични искуства и поврзување на компаниите со експерти од индустријата.

Целта е домашните компании полесно да ги применуваат современите дигитални практики и да добијат конкретни знаења што ќе придонесат за раст и развој на нивните бизниси.

Најава за регионалната конференција за е-трговија

E-commerce Meetup е првиот од серијата настани што АЕТМ ги организира во пресрет на 9. Регионална конференција за е-трговија.

Конференцијата ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје.

Под мотото „From Wait to Go: E-COMM AT AI SPEED!“, конференцијата ќе ги обедини водечките експерти и компании од регионот и пошироко, со фокус на влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата, маркетингот и дигиталниот бизнис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс