Инфлуенсер маркетингот денес се развива во стратешка алатка за градење доверба, долгорочни партнерства и остварување мерливи деловни резултати, наместо да се сведува само на бројот на следбеници или краткорочни промотивни кампањи. Ова беше еден од главните заклучоци на E-commerce Meetup-от што се одржа во Casa Bar, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во соработка со Иуте Македонија.
Настанот ги обедини претставниците на бизнис-заедницата, маркетинг професионалците и креаторите на содржина, кои преку практични примери од домашниот пазар разговараа за современите пристапи во инфлуенсер маркетингот, изборот на вистинските инфлуенсери, мерењето на повратот на инвестицијата (ROI), како и за најчестите предизвици и добри практики при реализација на кампањите.

Во панел-дискусијата учествуваа Дијана Илиевска, Campaign Manager во Ananas.mk, Александра Стојановиќ, Marketing Manager во Fashion Group Macedonia, Драгана Ѓоќиќ, Head of Strategic Marketing во Korpa.mk и инфлуенсерот Стефан Спирковски, додека модератор беше Димитар Атанасовски, ко-основач на маркетинг агенцијата Idea Lab.
Драгана Ѓоќиќ од Korpa.mk истакна дека инфлуенсер маркетингот сè повеќе станува долгорочен комуникациски канал за брендовите.
„Најголема вредност се создава кога инфлуенсерите стануваат долгорочни амбасадори на брендот, а не кога се ангажираат само за една кампања“, рече Ѓоќиќ.
Александра Стојановиќ од Fashion Group Macedonia нагласи дека успешноста на кампањите најмногу зависи од изборот на вистинските инфлуенсери и нивната усогласеност со вредностите на брендот.
„Не е најважно кој има најмногу следбеници, туку кој најавтентично го претставува брендот“, истакна Стојановиќ.
Инфлуенсерот Стефан Спирковски потенцираше дека публиката денес лесно препознава кога содржината е искрена, а кога претставува класична реклама.
„Најдобрите резултати се постигнуваат кога постои автентичност, кога инфлуенсерот навистина верува во производот и има слобода да ја креира содржината на свој начин“, рече Спирковски.
Дијана Илиевска од Ananas.mk додаде дека инфлуенсер маркетингот мора да биде дел од поширока стратегија со јасно поставени цели и мерливи резултати.
„Успехот не се мери само со лајкови, туку и со ангажман, кликови, продажба и реален ефект врз целната публика“, нагласи Илиевска.
Заедничкиот заклучок од панелот беше дека иднината на инфлуенсер маркетингот се гради врз доверба, автентичност, долгорочни партнерства и конкретни деловни резултати, наместо врз големи бројки на следбеници.
Од АЕТМ истакнуваат дека преку E-commerce Meetup настаните продолжуваат да ја поддржуваат домашната заедница за е-трговија, овозможувајќи размена на практични искуства, актуелни знаења и поврзување на компаниите со експерти од индустријата.
Настанот е прв во серијата активности што АЕТМ ги организира во пресрет на 9. Регионална конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 3 ноември 2026 година во Националната опера и балет во Скопје. Под мотото „From Wait to Go: E-COMM AT AI SPEED!“, конференцијата ќе ги собере водечките експерти и компании од регионот и пошироко, со фокус на влијанието на вештачката интелигенција врз е-трговијата, маркетингот и дигиталниот бизнис.