Инфантино не се откажува од „продажба“ на Светското првенство, УЕФА закажа итен состанок

УЕФА за попладнево закажа итен состанок откако ФИФА испрати писмо до сите свои асоцијации-членки со рок до 19 септември да ја прифатат понудата

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, смета дека создавањето комерцијална структура за продажба на дел од правата за Светското првенство е „прекрасна можност“

„Ова е прекрасна можност за забрзување на развојот на фудбалот низ целиот свет. Но, ова е само предлог, а не обврска. Изборот е на нашите асоцијации-членки на ФИФА и ние сме тука да разговараме со сите“ напиша Инфантино.

На 28 јули, ФИФА ги потврди плановите за создавање нова структура на која ќе бидат префрлени медиумските и комерцијалните права на организацијата, вклучително и оние за Светското првенство. Се очекува да бидат продадени повеќе од 20 проценти од нејзините акции. Приватните инвеститори ќе платат приближно 4,2 милијарди долари за овие удели, кои ФИФА вети дека ќе ги потроши за развој на фудбалот.

Но, на ова се противи европската фубдалска конфедерација УЕФА која за попладнево закажа итен состанок откако ФИФА испрати писмо до сите свои асоцијации-членки со рок до 19 септември да ја прифатат понудата, а со неа и првата уплата од 20 милиони долари. Вкупната почетна уплата би изнесувала 40 милиони долари.

„Дознавме дека ФИФА постави рок за асоцијациите да ги поддржат предлозите или понудата за еднократна уплата ќе биде повлечена. Ова кажува сè што треба да се знае за овој план“, соопшти УЕФА.

Многу асоцијации, вклучително и англиската Фудбалска асоцијација, се огорчени откако дознаа за предлогот за продажба на 20 проценти од акциите во натпреварите на ФИФА на приватни инвеститори преку медиумите.

Процесот го води инвестициската компанија Thrive Eternal, во сопственост на Џошуа Кушнер, зет на Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Загриженоста на УЕФА ја делат и конфедерациите на Азија, Јужна Америка и Северна и Централна Америка. Средбата ќе се одржи виртуелно, а засега не е познато што точно ќе се дискутира. Меѓу 55-те членки на УЕФА, има и три полуфиналисти на Светското првенство во 2026 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс