Индискиот пилот раскажа за драмата: Со последни сили ја отворив вратата од кокпитот

Капетанот Смит Мачхар ранет на подот ги повикал патниците да го совладаат напаѓачот додека авионот губел висина кон Израел.

Индискиот пилот Смит Мачхар откри детали за драмата на летот на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, кога ранет од сопствениот копилот морал да ја отвори вратата од кабината за патниците да спречат трагедија. Инцидентот заврши со принудно слетување во Саудиска Арабија, откако екипажот и патниците успеаја да го совладаат напаѓачот вооружен со нож додека леталото нагло губеше висина.

За време на видеоразговор со индискиот премиер Нарендра Моди, капетанот Мачхар опиша дека лежел на подот во кокпитот додека неговиот копилот континуирано го напаѓал со нож. Во моментите кога забележал дека авионот почнува нагло да паѓа, сфатил дека физички не може сам да го контролира управувачот и дека единствен излез е помош од патничкиот дел.

„Лежев повреден на подот, но си реков дека морам да соберам сила за уште еден, последен обид да ја отворам вратата однатре“, рече Мачхар. Влегувањето на патниците овозможило совладување на напаѓачот и стабилизирање на летот пред да настанат катастрофални последици.

Пилотот наведе дека личната одбрана била неизбежна, но дека приоритет му бил животот на луѓето во авионот. „Се борев за сопствениот живот, но истовремено знаев дека нема да дозволам други да загинат“, изјави капетанот.

По принудното слетување, Мачхар веднаш бил пренесен во болница во градот Табук, на северозападот на Саудиска Арабија, каде што му била укажана итна медицинска помош. Премиерот Моди му порача на пилотот дека неговата смиреност и брза реакција спасиле десетици животи, а признание за спасувањето на летот упати и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нарекувајќи го капетанот херој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс