Инцидент во БиХ: Претепан кандидат за избори пред општинска зграда

Делегација на ХРС тврди дека биле нападнати додека снимале промотивно видео за локалните избори, Божо Рагуж заврши со тешки повреди на главата.
Фото: ХРС

Кандидатот на опозициската Хрватска републиканска партија, Божо Рагуж, се здоби со тешки повреди на главата по инцидент во Равно, на југот на Босна и Херцеговина. Нападот се случил во неделата пред општинската зграда, каде што партиската делегација подготвувала терен за снимање предизборен спот. Според партиското соопштение, физичкиот напад уследил по расправија со локални лица кои тврделе дека просторот пред институцијата е приватен.

Во моментот на инцидентот во Равно, покрај Рагуж, биле присутни и сопартијците Весна Шуњиќ, Данијела Џакула, Славен Беванда и Славко Зовко. Од ХРС наведуваат дека екипата пристигнала пред општинската зграда за да сними видеопорака за претстојните избори.

Набрзо кон нив се упатиле неколку лица. Расправијата околу правото на снимање прераснала во физичко туркање.

„Тогаш прво бевме вербално нападнати со тврдење дека општината е приватна сопственост. По туркањето, едно од присутните лица од непосредна близина со сета сила и со огромен камен го погоди кандидатот Божо Рагуж во главата“, соопштија од Хрватската републиканска партија.

По ударот Рагуж паднал на земја со обилно крвавење. Првата помош му била укажана во локалната амбуланта во Равно, по што итно бил префрлен во Центарот за ургентна медицина во Мостар на дополнителни прегледи и санирање на повредата.

Од партијата изразија благодарност до медицинскиот тим, како и до припадниците на Полициската станица Равно кои излегле на терен за да направат увид.

Во соопштението ХРС потсети и дека Рагуж е поранешен припадник на воените единици кој меѓу првите влегол во ова место за време на војната во деведесеттите години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс