Битола од 14 до 31 јули ќе биде центар на светската фолклорна и културна сцена со 56. издание на Интернационалниот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој годинава ќе понуди најдолга фестивалска програма во својата историја.

На официјалното претставување беа промовирани програмата, новиот визуелен идентитет и фестивалските новитети, со кои организаторите најавуваат 18 денови исполнети со концерти, изложби, научни презентации, етнографски филмови, работилници, детски програми, семинари и улични перформанси.
Фестивалот ќе започне на 14 јули со свечен настап на Ningbo Symphony Orchestra од Народна Република Кина, еден од најзначајните современи симфониски оркестри во земјата. Покрај концертот, членовите на оркестарот ќе одржат и работилница, со што уште на почетокот ќе биде нагласена меѓународната соработка и културната размена.
„Особена чест е што токму најдолгото издание на фестивалот го отвора еден од најзначајните кинески симфониски оркестри. Тоа е потврда дека ‘Илинденски денови’ одамна се меѓународна културна платформа што ги поврзува луѓето, традициите и уметноста од целиот свет“, истакна директорот на НУ Центар за култура Битола и претседател на Советот на фестивалот, Сашо Илковски.

Долгогодишниот програмски координатор Валентин Соклевски посочи дека фестивалот повеќе од пет децении има важна улога во зачувувањето и промовирањето на нематеријалното културно наследство, но и во создавањето простор каде традициите се среќаваат и добиваат нови значења.
Годинава фестивалот го носи мотото „Точка на поврзување“, а визуелниот идентитет е инспириран од македонската и интернационалната народна носија, како и од глуварчето чии семиња симболизираат движење, размена и поврзување меѓу културите.

Во рамки на програмата ќе бидат вклучени и бројни содржини за различни генерации, со што Битола во текот на фестивалските денови ќе стане место за средба на традицијата, современата уметност и културите од целиот свет.