Фрагмент од „Илијада“ пронајден во египетска мумија стара 1.600 години

Археолози во Египет откриле папирус со дел од „Илијада“ внатре во мумија од римскиот период. Станува збор за редок наод што покажува спој на египетската и грчката култура.
Фото: Viktor Lazić, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Археолози во древниот египетски град Оксиринх, во некрополата Ал-Бахнаса, открија фрагмент од Хомеровата „Илијада“ вграден во мумија од римскиот период, стара околу 1.600 години.

Папирусот бил пронајден во пределот на абдоменот на мумијата, во гробница од сектор 22, гробница број 65, за време на археолошките истражувања спроведени во ноември и декември 2025 година. Материјалот бил дополнително анализиран во јануари и февруари 2026 година од истражувачки тим на Универзитетот во Барселона.

Фрагментот го идентификувал професорот Игнаси-Хавиер Адијего, по читањето на папирологот Леа Масција. Станува збор за дел од втората книга на „Илијада“, од делот познат како „Каталог на бродовите“, каде се набројуваат грчките сили што учествувале во Тројанската војна.

Оксиринх е едно од најзначајните археолошки наоѓалишта за папируси во Египет, каде од крајот на 19 век се откриени илјадници текстови на грчки јазик, вклучувајќи административни документи, писма, религиски записи и литературни фрагменти. Сепак, досега грчки текстови пронајдени во контекст на мумификација најчесто биле магиски или ритуални, но не и класични книжевни дела како „Илијада“.

Овој наод го проширува разбирањето за употребата на текстовите во грчко-римскиот Египет, каде што писмените материјали понекогаш добивале и практична улога во погребните обреди. Мумијата и папирусот се дел од поширок археолошки контекст во кој се пронајдени римски саркофази и повеќе погребни објекти, што укажува на мешавина од египетски, грчки и римски традиции во погребните практики.

„Илијада“ на Хомер, како едно од најважните дела на античката книжевност, во овој случај е пронајдена во необичен материјален и ритуален контекст, што отвора нови прашања за циркулацијата и употребата на литературните текстови во доцната антика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни